23 кандидати во трка за “Златната топка” – Реал Мадрид доминира со шест

Листата од 23 кандидати кои конкурираат за “Златната топка”, награда која се доделува на најдобриот фудбалер на светот во изминатата година, беше објавена од страна на ФИФА.

Традиционално, овој список до декември ќе биде скратен на тројца фудбалери, а победникот ќе биде објавен на 12-ти јануари во Цирих.

Најмногу играчи има од редовите на Реал Мадрид, дури шест – Роналдо, Бензема, Бејл, Крос, Родригез и Рамос, а тука е и Ди Марија, кој иако настапува во редовите на Манчестер Јунајтед на оваа листа се најде благодарение на игрите во “Кралскиот клуб”.

Инаку во последните шест сезони Лионел Меси четири пати ја освои оваа награда, додека останатите две години добитник на ова одличје беше Кристиано Роналдо. Токму Португалецот се очекува повторно да ја добие “Златната топка”.