Интегрален текст од соопштението на ОЈО Скопје:
Со оглед на тоа што смртта на лицето Коста Крпач во јавноста предизвика голем интерес, поради што се шират бројни шпекулации што и попречуваат на истрагата и создаваат притисок врз институциите, обвинителството со должно внимание ги следи и истражува сите објавени и добиени информации за целосно да го истражи настанот и да не дозволи резултатите од истрагата да остават простор за сомнеж на кого било и за чии било интереси и цели.
Меѓу објавите, беше и соопштението дадено од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, во кое истакнува дека, цитираме: „Воедно Ве известуваме дека ова јавно обвинителство поседува докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓаше лицето Коста Крпач… “
Основното јавно обвинителство – Скопје испрати барања до повеќе институции, меѓу нив и до тоа обвинителство, во кое се бараше да му се достават сите податоци и документација на која во изјавата тоа обвинителство алудираше, односно да ги достават сите докази за релевантни факти, вклучително и за притисокот под кој се наоѓало лицето Коста Крпач.
Неопходно е да истакнеме дека од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите не е доставен ниту еден доказ ниту пак било каква релевантна информација во таа насока, но и покрај тоа Основното јавно обвинителство – Скопје продолжува да го истражува случајот. Издадени се голем број наредби за вршење вештачења, анализи, прибирање податоци и документација. Во тек е повикување и се извршуваат разговори со лица за кои може да се очекува дека имаат одредени податоци за расветлување на настанот. Се преземаат и други истражни дејствија кои се во тек.
Основното јавно обвинителство – Скопје ќе продолжи со преземање на дејствија. Соработува и ќе соработува со сите институции во насока на откривање и гонење на сторителите на кривични дела.
Веднаш штом ќе се добијат конкретни податоци за случајот, јавноста ќе биде известена.