Над 8.000 учесници на Скопскиот маратон

Над 8.000 учесници на Скопскиот маратон
Над 8.000 учесници на Скопскиот маратон

Сончевото утро во главниот град на Македонија беше совршен погодок 8.000 учесници на денешното 12-то издание на Виз Ер Скопски Маратон 2016 да се покажат во своето најдобро издание, да го истрчаат својот маратон и да стигнат на целта.

Уште во раните утрински часови пред почетокот на маратонот, Скопје беше преплавен од тркачи од 46 земји во светот, но и заинтересирани граѓани со интересни транспаренти кои расположени се подготвуваа да ги бодрат пријавените натпреварувачи.

Кенијците повторно доминираа на Скопскиот маратон, откако Кипротич Кируи триумфално помина низ целта на машката маратонска трка со време од 2:12:36. Зад него се пласираше неговиот сонародник Ричард Кипроно Бет со време од 2:14:36, додека на третото место се најде Едвин Кирпуто Кирва (2:15:08). Во топ 5 маратонци се најдоа шампионот од 2013-та година, Вајклиф Кипкорир Бивот (2:19:07) и Силас Кипроно Ту (2:19:07). Во женска конкуренција Кенијката Гледис Џепкуруи Бивот со време од 2:40:10 е годинешната шампионка, а зад неа се пласираа Етиопјанката Шаваје Гамечу Дебелу со време од 2:45:30 и Фабиола Џон Вилијам од Танзанија со 2:49:13.

Од македонските натпреварувачи во машка конкуренција најдобро пласиран беше Александар Кираџиев, кој го осови седмото место со резултат од 2:45.57 часа, а веднаш зад него се пласираа Ристе Лазаров (2:48.45), Муџаид Мислимовски (2:54.54) и Игор Јанкуловски со време од 2:56.21 час.

m1

Во женска конкуренција најбрза Македонка беше Весна Кираџиева, која патеката ја истрча за 3:22.41 час, што беше доволно за седмото место, додека Милена Чкрипеска се пласира на осмата позиција со резултат од 3:23.25 часа.

На полумаратонската трка од 21.километар во машка конкуренција триумфираше Албанецот Илир Келези со време 1:10.18 час, втор беше Македонецот Дарио Ивановски со време 1:11.14, а трет Србинот Кристијан Стошиќ, кој ја истрча патеката за 1:14.35 часа. Во женска конкуренција најбрза беше Србинката Даниела Бараќ (1:27.39), пред сонародничката Снежана Милошевиќ (1:32.23), а третотo место и припадна на нашата натпреварувачка Адријана Поп Арсова со време 1:36.54 часа.

На пет километри во женска конкуренција победија Рената Соколовска, и Суад Крејзиу во машка.

Дванаесеттото издание на маратонот е под покровителство на Град Скопје и Мисијата на Европската Унија. Маратонот ќе се одржи на 8-ми мај по повод Денот на Европа, со почеток во 08:45 часот на стартната линија во центар, во срцето на главниот град. Наградниот фонт за Виз Ер Скопски Маратон 2016 беше 17.100 евра.