Договорот од Пржино останува најдобар начин за излегување на земјата од сегашната криза, а одлуката на Уставниот суд со која времено се запираат сите изборни дејствија отвара пат за свикување на Собранието за да се откажат изборите на 5 јуни, соопшти Амбасадата на САД.
– Одлуката на Уставниот суд отвара пат за свикување на Собранието за да се откажат изборите на 5 јуни. Ова, пак, претставува обновена можност за Собранието и за политичките лидери, да покажат на дело дека се силно посветени на Пржинскиот договор и неговите начела – владеење на правото, одговорност, инклузивност и кредибилни избори. Оваа рамка и понатаму претставува најдобар начин за земјата да излезе од сегашната криза, стои во денешната пишана изјава од Амбасадата на САД, која коинцидира со посетата на заменик помошниот државен секретар на Стејт департментот Хојт Ји на Македонија.
Во изјавата се наведени и очекувањата во врска со аболицијата на претседателот на државата Ѓорге Иванов.
– Поништувањето на помилувањата од 12 април треба да се направи итно и на начин на кој ќе се зачува начелото на одговорност, ќе се избегне селективна примена на правдата и ќе се неутрализира сериозната загриженост во врска со неказнивоста. Основно демократско начело е дека сите граѓани треба да бидат еднакви пред законот. Политичките партии треба недвосмислено да го поддржат Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Непреченото работење на СЈО е клучно за да се утврди одговорноста за можни злоупотреби поврзани со прислушувањата и за надминување на сегашната криза, стои во изјвата.
Воедно се додава дека на земјата и престојат тешки реформи.
– Процесот на реформи мора да биде инклузивен и да ги вклучи перспективите на опозициските партии и граѓанското општество. Ваквата инклузивност е клучна за воведување и воспоставување на системот на проверки и рамнотежа, систем што е одлучувачки во демократијата. Соединетите Држави нема да поддржат пристапи што не ги почитуваат овие принципи. Ветувања за реформи или искази за намера нема да ја вратат земјата на евро-атлантскиот пат. Делата ќе го сторат тоа, се посочува во изјавата од Американската амбасада.