Откочен процесот за доделување на социјалните станови

Еден ден по повторното доаѓање на министерот Диме Спасов на чело на Министерството за труд и социјална политика е решен проблемот со доделувањето на социјални станови на лица од ранливите категории во Прилеп, Ресен и Демир Хисар, процедура која техничката министерка Фросина Ременски претходно ја кочеше неколку месеци.

Ременски правеше опструкцијата на целата процедура со цел едно лице кое не ги исполнува условите да добие стан.

Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски денеска во Прилеп информира дека записниците се потпишани вчера и упати благодарност до Министерството за труд и социјална политика кое за само еден ден стави крај на сагата на 119 семејства.

-На мое лично задоволство и на општо задоволство на сите граѓани кои беа ставени на милост и немилост, а требаше да ги добијат социјалните станови во Прилеп, Ресен и Демир Хисар сакам да упатам голема благодарност до Министерството за труд и социјална политика и до министерот Диме Спасов што за еден ден се реши овој горчлив проблем, истакна министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Тој додаде дека Комисијата вчера ги потпишала записниците, а решенијата на граѓаните ќе им бидат во рок од 15 дена, со што како што вели е завршена опструкцијата што била правена со цел едно лице кое не ги исполнува условите да добие стан.

-Ова е многу важно прашање, а Ременски даде забрана записниците да бидат потпишани, вели Мисајловски, кој додаде дека станови ќе добијат вкупно 119 семејства и дека како досега, така и во иднина становите ќе бидат доделувани транспарентно.

Тој потенцира дека нема да се дозволи доделување социјален стан на некој кој не ги исполнува условите за тоа.

станови1

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов истакна дека со потпишувањето на записниците е надминат повеќемесечен проблем, со што е решено значајно прашање за 119 семејства.

-За само еден ден се надмина повеќемесечен проблем, се надмина застојот во Министерството за труд и социјална политика, со што се реши едно значајно прашање за 119 семејства од најранливите категории, истакна Спасов.

Тој додаде дека Владата и во иднина ќе продолжи со реализација на проектите за подобрување на животот на граѓаните.

-Ќе продолжиме со грижата за социјално ранливите категории и со воведување на голем број проекти, мерки и поволности, меѓу кои е и изградбата на социјални станови, токму за решавање на едно од најзначајните животни прашања – прашањето за домување. Тие добиваат нов дом, нов стан, во нова зграда, а тоа претставува огромнно задоволство, подвлече Спасов.

Вчера беше пуштен во употреба и новиот дел од детската градинка „Гоце Делчев“ во општина Илинден, откако претходно техничката министерка Ременски за време на своето неколкумесечно работење не потпишуваше решение за започнување со дејност, иако за тоа градинката ги исполнуваше сите потребни услови.