Бразилската полиција трага по 30 мажи осомничени дека учествувале во групно силување на една 16-годишна тинејџерка во Рио де Жанеиро, откако сцени од бруталното сексуално насилство, биле ставени на социјалните мрежи.
Според бразилските медиуми, девојката била грабната додека одела кон куќата на своето момче и според нејзиното тврдење, се разбудила во друга куќа, опкружена со мажите за кои се трага.
Полицијата соопшти дека налог за апсење има и за момчето на девојката.
Во првата изјава што тинејџерката и ја дала на полицијата, рекла дека дошла на свест во неделата, оставена гола и со рани по телото, по што заминала дома, пренесува МИА.
Неколку денови подоцна забележала дека некој од силувачите снимал и делови од насилството, ставил на интернет.
Видео спотот од 40 секунди предизвика шок и гнев во бразилската јавност. Повеќе хуманитарни организации за заштита на жените повикаа на отпор против одомаќената „култура на силување„ во Бразил.
За ваквите случаи се вели дека се мошне чести во бразилското општество, дека се случуваат најчесто во текот на викендите и дека во најголем број се регистрираат во сиромашните квартови во западниот дел од Рио де Жанеиро.
Во текот на 2014 година, во Бразил беа регистрирани 47,000 силувања, но полицијата вели дека се пријавуваат само 35 отсто од ваквите случаи.
Хуманитарните активисти сметаат дека казните за силувања се мали и треба да бидат заострени.