24 години заедно со Пијанофорте

Во еден животен век, дваесет и четири години асоцира на доба на млад човек кој штотуку завршил високо образование и го почнува својот самостоен живот полн со соништа и визија за иднината.

На Пијанофорте му се случи истото. Слободно можеме да го споредиме со еден човечки живот. За сиве овие години, училиштето порасна во комплексен организам кој им овозможува огромно задоволство на посетителите. Сè уште негува соништа и идеи за иднината.

Но, на почетокот не беше така.

Во далечната 2000, скоро една декада од осамостојувањето на нашата држава, пијанистката Виолета Стефановска Шуковиќ го прави првиот чекор, се одважува и самостојно се втурнува во авантурата наречена Пијанофорте, приватно музичко училиште во Скопје. Почетокот е ентузијастичен но истовремено проткаен со многу искушенија. Да се замине од безбедна работна позиција во државното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ и да се отпочне нова и непозната авантура е карактеристика на храбри луѓе, на оние кои лесно можат да ги следат промените, а уште полесно и самите да управуваат со нив. Виолета имаше сон и визија. Желбата да се понуди нешто поинаку или да се даде алтернатива во музичкото образование, може да се оствари само преку сопствено организирање на настава во свое училиште.

Таа се здобива со специфични искуства за време на неколкугодишниот претстој во Австралија каде ги завршува двогодишните постдипломски студии за соло пијано, како и спецјализацијата за корепетиција и камерна музика. За време на престојот активно концертира, но се запознава и со нови, современи педагошки методологии, кои во светот се проверени и даваат извонредни резултати. Впрочем светот се движи напред, како и образовните пристапи.

Набрзо по враќањето во Македонија, Виолета успева да ги внесе новите пристапи во македонското музичко образование и тие лесно се прифатени. Во годините што доаѓаат, стотици ученици стануваат дел од Пијанофорте и се здобиваат со одлично музичко образование. Едноставно е да се верува во програмата која дава брзи и ефикасни резултати. Во текот на образованието учениците настапуваат на бројни настапи, учестваат на културни настани и самостојни концерти. И ден денес голем дел од нив сe вљубеници во музиката,  професионалци во други професии или студенти на различни факултети.

Професионалниот пристап на Виолета и нејзиниот извонреден педагошки однос, создаава трајна љубов кај учениците за инструментот што го свират. Воодушевувачки е да се знае дека огромен дел од нив го завршуваат музичкото образование во Пијанофорте и продолжуваат да се занимаваат со музика и понатаму. На пример Виктор Ивановски (ученик на Виолета) успешно го завршува музичкото образование во Пијанофорте, а подоцна го продолжува на престижниот универзитет за анимација во Канада. Тој прави анимиран филм кој е наградуван на многу интернационални фестивали. Интересно е да се истакне дека Виктор ја пишува и самиот ја изведува на пијано музиката за филмот. Тоа е нешто навистина многу скапоцено.

2010 – програмата на Пијанофорте се збогатува. Во системот се вклучува уште еден член, виолинистката Марина Чадо. Таа ги завршува студиите на престижниот конзерваториум Петар Илич Чајковски во Москва. По завршувањето на студиите, Марина 10 години живее  во Љубљана – Словенија. Таму се здобива со огромно концертно искуство, а паралелно развива и музичка методологија по која и ден денес работат Валдорфските музички училишта. Во оваа, 2010 година, Марина се враќа од Словенија, па со огромно задоволство се втурнува во новиот предизвик и станува дел од Пијанофорте. Низ годините, инструментот виолина станува посакуван избор на нашите ученици, бидејќи совладувањето на основите на инструментот е извонредно брз и ефикасен. Марина исто така соработува со престижни музички училишта од Р Словенија како и со академијата во Љубљана. Интересно е да се истакне дека Пијанофорте овозможи образование на бројни млади виолиниста, а меѓу нив ќе го истакнеме нашиот млад виолинист Александар Војнески, кој по завршувањето на образованието, меѓу другото и во Пијанофорте, успешно се запиша на академијата во Љубљана на одделот за соло виолина. Соработката на Пијанофорте со бројни светски музичари им овозможува и на учениците во најрана возраст да стапат во контакт со нив за подоцна да продолжат по истата патека. Во многуте примери на успешна приктика на нашето училиште е и ученикот Лука Кадриќ, кој по завршувањето на образованието во Скопје студиите ги продолжува во Велика Британија на Универзитетот во Бристол, насока хемиска физика. Тој сега е член на симфонискиот оркестар на Универзитетот кој постојано настапува на различни сцени низ државата.

Со гордост се присетуваме и ги следиме успесите на поранешни ученици, како што се Ребека Мангелс, ученичка по потекло од САД, која по завршувањето на обуката по виолина во Пијанофорте заминува на студии назад во земјата каде продолжува да се занимава со музика и до ден денес.

Последниве четиринаесет години училиштето расте со огромна брзина. Ако се потсетиме на 2010 година, ќе забележиме дека бројот на ученици се движел помеѓу дваесет и триесет. Денеска пак, со задоволство можеме да кажеме дека Пијанофорте брои над двесте ученици. Во моментов во училиштето се изучуваат различни инструменти, пеење, теорија на музика и ран музички развој, а има и специјални програми за хор, оркестар, камерно музицирање и бенд. Интересен е фактот дека со оркестар и камерно музицирање Марина започнува со учениците од нивната  најрана возраст.  Децата уживаат кога музицираат во групи. Тоа дополнително ги мотивира. Затоа и одделот за популарна музика станува многу посакувано место за младите.

Пијанофорте учествува  речиси на сите локални и регионални, а не ретко и на меѓународно реномирани натпревари. Учесниците никогаш не се враќаат без бројни први и втори награди, а понекогаш и по некоја трета. Учесници сме и на многу меѓународни фестивали за соло изведувачи и оркестри. Тука би ги споменале Европскиот музички фестивал за млади во Неерпелт – Белгија, Рамо до рамо – од Ел Система во Гетебор – Шведска, Фестивал на нациите во Рим – Италија и тн. Концертните патувања се присутни скоро секоја учебна година. Меѓу нив ќе ги истакнеме концертите во Р Словенија во Љубљана и Словењ Градец, Рим – Италија , Белград – Србија , Темишвар – Романија итн.

Пијанофорте како музичко образовна институција, заедно со своите ученици и професори се грижи за јавното добро. Соработува со општествено одговорни и високо професионални здруженија на граѓани од невладиниот сектор и во текот на овие дваесет и четири години е дел од активностите на Профундис, Дајте ни крилја, Добредојде Македонија велкам центар и Дијалог. Соработува и со институции и јавни установи кои организираат настани за поддршка и промоција на музичкиот развој на децата („После Часови“ во организација на МОМЕНТУМ ИНК., музички работилници „Вежбалки-свиралки“ од ЕДУКА МАК, „Скопски цветен фестивал“ на ЈП Паркови и зеленило, виолински флеш моб по повод отворањето на „Охридско лето“). Присутна е во градинките и основните училишта преку одржување музички работилници за развивање на основните музички концепти и запознавање со музичките инструменти.

Во курикулумот на Пијанофорте исто така ќе се најде новогодишниот и завршниот концерт на класичниот и одделот за популарна музика. Секоја година тие два настани носат огромна радост на стотиците учесници и нивните семејства. За колективот пак тоа е одлично место да се провери квалитетот на наставата.

Музичарите педагози на Пијанофорте се во постојано надградувење на своето педагошко знаење. Како што веќе споменавме, сите образовни процеси се движат напред. Задачата на Пијанофорте е да ги следи новитетите и постојано да го обучува својот кадар. Повремено во системот се внесуваат нови методологии за кои најнапред колективот се обучува, за подоцна истите да ги примени надградувајќи ја наставната програма. Музикотерапија, ран музички развој преку музика и движење, групна настава за класични музички инструменти… Ова се дел од програмите во кои колективот се втурна храбро и успешно. Дел од кадарот веќе врши обука и презентација на дел од овие методи во рамките на вокациските курсеви на педагози за деца од предучилишна возраст (проект на Еразмус+ во градинката „Брешиа“ во Дебар, „Денови на Македонската литература за деца“ во Софија, Р. Бугарија, Работилници за практична примена на Орфовите инструменти во секојдневните активности во градинка и др.)

Нашите соништа се дофатливи во реалноста! Пијанофорте цврсто чекори по својот пат и верува дека наредното доба во својот развој ќе го одбележи преку големо сведоштво. Веруваме во позитивното влијание кое нашата дејност го има врз општествените вредностите и врз младите кои произлегуваат од оваа средина.