Сакам граѓаните да знаат дека бевме на чекор од отворен и насилен граѓански судир, најавено од обвинетите во случајот „Пуч“. Нешто мораше да се преземе за да се спречи најлошото. Во ваква сложена состојба, како претседател, на располагање имав два уставни и законски инструменти – реактивен и превентивен, истакна претседателот Ѓорге Иванов во вечерашното обраќање до јавноста.
Првата опција, рече, била да дејствува реактивно.
– Тоа подразбираше да стојам по страна, и да чекам се додека состојбата во Македонија не ескалира. Тогаш ќе морав да ја ангажирам Армијата за смирување на состојбата. Но, со тоа ќе ја оставев јужната граница незаштитена и отворена за илегална миграција. Тоа ќе беше сигнал за милиони потенцијални мигранти дека Балканскиот коридор е повторно отворен. Тогаш Македонија ќе беше преплавена со мигранти, посочи Иванов.
Втората опција, додаде, беше превентивна, да наметнам нови правила на наметнатата игра со Македонија, да преземам контрола врз играта и да обезбедам предност за Македонија.
– Сакам да знаете дека целосно свесен за ризиците од носењето одлуки, влегов во наметнатата игра и ги употребив оние инструменти со кои располагав. Затоа, превентивно донесов одлука за помилување на сите кои на еден или друг начин се вклучени во политичката криза. Помилувањата беа инструмент со кој ги замрзнав сите непријателски намери меѓу спротивставените страни. Мојата одлука ги изненади сите и предизвика нервоза кај одредени центри на моќ. Гневот се насочи кон мене. Плановите за предизвикување конфликт беа растурени. Со тоа го превенирав загрозувањето на јавната безбедност, нагласи претседателот.
Но, некои, нагласи, погрешно ги толкувале неговите намери.
– Во изминатите два месеци многумина упатија прашање до мене, што сум мислел кога сум ја донел одлуката за помилувањата? На ова прашање ќе одговорам со контра прашања: Зарем требаше да бидам пасивен набљудувач додека се закануваше отворен судир меѓу двете спротивставени страни? Зарем требаше да чекам да падне крв на улиците, за да ја употребам Армијата како втор инструмент во услови на веќе прогласена кризна состојба? Зарем требаше да дозволам Македонец на Македонец да дигне рака?, напомена Иванов.
Според него, во услови на прогласена кризна состојба и на длабока политичка криза, кога Собранието беше распуштено и имаше техничка Влада со мандат ограничен само за спроведување избори, кога безбедносните институции беа парализирани, со нарушен систем на команда и постојани и директни закани по националната безбедност, Специјалното јавно обвинителство вршеше селективен прогон кон само една политичка структура. Тоа, оцени, водеше кон предизвикување тензии во општеството со ризик за меѓуграѓански конфликт и насилства.
– Се што се случуваше упатуваше на тоа дека се соочуваме со туѓа наметната игра што има за цел дестабилизација на Македонија. Очекувам судската разрешница на предметот „Пуч“ да го даде одговорот, заклучи претседателот.
Иванов смета дека во Македонија се води специјална војна како дел од стратегиите за предизвикување тензии и воспоставување постојани политички кризи со технички влади за неможност во справување со закани и доведување во положба на потчинетост. Договорот меѓу лидерите, рече, се уште не е целосно исполнет и парламентарните избори се уште не се спроведени.
– Во недостиг на политичка програма и решенија за граѓаните, гледаме циркус во Собранието, театар на улиците од оние кои не ги признаваат и ги бојкотираат институциите, повикуваат на безредие и безвластие. Никому не му е забрането да протестира, да го искаже своето незадоволство од власта. Никому не му е оспорено правото јавно да го искаже своето мислење за кое било прашање во државата. Но, институциите мора да воведат ред. Никаде не се толерира хулиганство, вандализам и уништување на туѓиот имот. Секаде тоа се санкционира. И кај нас таквото насилство мора да престане, предочи Иванов.
Апелира лидерите на партиите да внимаваат што договараат, олеснувачите да внимаваат какви пакети предлагаат, пратениците да внимаваат за какви закони гласаат, а невладиниот сектор да се дистанцира од поединци и групи кои протестираат само за да профитираат.
– Ги повикувам партнерите да не ја користат состојбата за остварување свои интереси. Блокирањето на европска и евроатлантска иднина придонесе кон блокирање на политичките процеси во Македонија. Затоа, ги повикувам Европската унија и НАТО да го деблокираат патот на Македонија. Процесот на преговори и затворање на поглавјата досега ќе ги научеше политичките елити на културата на дијалог и компромис, потенцира Иванов.
На политичките лидери кои, како што рече, не ја признаваат институцијата Претседател им порача дека се должни да не ги загрозуваат независноста и суверенитетот на Република Македонија со доведување во состојба на потчинетост и зависност кон други држави, центри на моќ или недржавни актери.
– Не смее да се дозволи целата држава и народот да биде заложник на карактерите, егото и личната омраза на овие неодговорни политичари. За такви не треба да има место на политичката сцена. Ако во остварување на која било цел се водите од омраза и деструкција, тогаш неуспехот е загарантиран, апелира претседателот.
На неодговорните политичари кои од мене бараа одговорност, им порача дека како претседател има одговорност кон граѓаните кои го избрале и кои му дале легитимитет, кон вооружените сили чиј Врховен командант е, кон државата на чие чело е во овие, оцени, тегобни и мачни времиња.
– Со таа одговорност, како и досега, така и во иднина ќе постапувам единствено и исклучиво, според Уставот и Законите на Република Македонија во заштита на државните интереси и националната безбедност, напомена претседателот Ѓорге Иванов.