26 септември- европски ден на јазиците

Овој ден во 2001 година, Советот на Европа и Европската комисија го определија како Европски ден на јазиците. На овој датум се реализираат разни активности за зачувување на јазичното богатство на европскиот континент.

Главната поента на овој ден е лингвистичката разновидност, која е една од посебностите на Европа, односно јазиците треба да не’ приближуваат и да покажат како да живееме едни покрај други. Цел на овој ден е да им се даде значење на јазиците, како основен и неодвоив дел од културното наследство на Европа. За таа цел, низ цела Европа 700 милиони Европејани се охрабруваат да почнат да изучуваат повеќе јазици, на која било возраст, во и надвор од училиштето.

Во Европа има над 200 автохтони јазици, додека најмалку половина од светското население зборуваат два или повеќе светски јазици. Со тоа се дава можност и сознание за меѓународно разбирање, сознанија за различните култури, истории, традиции, обичаи и значајни вредности на народите и слично.

Ние Македонците, треба да сме горди на нашата македонска историја, нашиот македонски идентитет, јазик кој се негува и се пласира низ Балканот, Европа и светот. Наш амбасадор кој го пласира и негува македонскиот јазик надвор од нашите граници и се изучува нашата македонска историја, јазик, култура, обичаи е токму Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при УКИМ-Скопје. Неговата активност започнува уште од далечната 1967 година. На него учествувале повеќе од  4.000 учесници од над 60 земји од универзитетски центри на Австралија, Бугарија, Велика Британија, Грција, Италија, Полска, Руската федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Канада, Босна и Херцеговина, Унгарија, Франција… На МСМЈЛК при УКИМ-Скопје се изучува, негува и афирмира нашиот македонски јазик и култура низ балканските, европските и светските меридијани.

Основен постулат на овој наш МСМЈЛК при УКИМ-Скопје, е да не се заборави аманетот на Блаже Конески дека: „Јазикот е нашата  единствена татковина“.

Затоа, сите аманети од Климента… Мисирков… Конески и други наши македонски дејци, треба да се поттик во натамошната работа на нашиот духовен, образовен, културен напредок, затоа наша должност е да ги продолжиме и шириме и запознаваме балканските, европските и светските меридијани со македонистиката и посебноста на нашата лингвистика во Европа и пошироко.

Што покажуваат последните истражувања

Последните истражувања на Евростат за јазичните вештини на европските граѓани, покажува дека во Македонија повеќе од една третина од испитаниците (31,7 отсто) не зборуваат странски јазик, а само (9,7 отсто) зборуваат три или повеќе. Ваквата статистичка неповолност во Македонија, е меѓу другото и одраз на формалното учење и наставата по странски јазици во македонскиот образовен систем.

И покрај ваквата македонска неповолност, во однос на изучувањето на странските јазици, ние сме ретка земја каде што англискиот јазик е задолжителен од прво одделение. Но, статусот на странските јазици е деградиран во училиштата со години до степен до кој се доведуваат во прашање неговото значење и одржливост.

Што говорат фактите

Веќе неколку години по ред учениците во основните училишта немаат учебници за одредени наставни предмети, меѓу кои и за  странските јазици, како ни учебници за јазик и култура на заедниците. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, вети дека од наредната година нема да биде така. Само да ги потсетам моите читатели, дека и поранешните министри (Арбер Адеми, Мила Цароска, Јетон Шаќири) ветуваа решавање на проблемот, но учебници за сите предмети и натаму нема.

И оваа учебна година учениците ја почнаа без учебници за странски јазици: англиски, германски, француски и италијански, кои не биле одобрени поради (нивниот: наводен) неквалитет од Бирото за развој на образованието (БРО). Што говори ова – Верувале или не? Јас не верувам, моето долгогодишно искуство во образованието и функциите кои што сум ги имал, моите истражувања што сум ги имал и имам во делот на образованието, ова што се случува последниве неколку години е дно-дна во историјата на македонското образование.

Што изјавува министерката Весна Јаневска?

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска (за Радио Слободна Европа на 9.08.2024) ќе изјави: „Учебниците за странски јазици: англиски, германски, француски и италијански, не биле одобрени поради нивниот неквалитет (јас наведувам: наводен) од страна на Бирото за развој на образованието. Видите го парадоксот на министерката Јаневска: „А, следната година 2025/26 ќе има учебници“.

Па, понатака изјавува: „Најголемиот број од учебниците за јазик и култура на заедниците, Бирото не ги одобрил поради неквалитет (читајте: наводен) на понудените учебници. Видите го парадоксот на Јаневска, изјавува: „На пример, на понудените учебници се повторува материјалот што децата го учат во својот сопствен мајчин јазик. Кога се изучуваат јазиците на заедниците, треба да се фокусираме на комуникативниот јазик“. Министерката Јаневска, исто така преоптимистички изјавува дека „тоа и не е некој проблем“ бидејќи „и така децата ги учат јазиците од серии“ и нема потреба од „учење на граматика“!? Каква е оваа изјава? Несоодветна  и срамна.

Кој манипулира и шпекулира?

За точно информирање на македонската јавност, ако ја отворите страницата на МОН или БРО, во делот на учебници за основно образование, ќе видите дека за странските јазици: англиски, француски, германски, италијански (некои прв, а некои втор за изучување по одделенија) стои: Издавач – постапката е во тек. Апсурдно, постапката е во тек повеќе од седум години. Учебници нема! Им го поставувам прашањето на сите поранешни министри како и на актуелната министерка: Зошто, повеќе од седум години нема учебници, во конкретниот случај за учебници по странски јазици од прво до деветто одделение? Каде е одговорноста на БРО или на МОН? Сакам да ми одговорите господа министри? Дали се во прашање договори за тендери или некои лукративни цели? Што работела Националната комисија? Знам дека ќе манипулирате и шпекулирате и вината ќе ја барате во ланскиот снег! Одговорно ви тврдам, дека одговорноста е во Вас господа министри? А, одговорност нема. Зошто? Ќе погодите почитувани мои читатели. Се’ е поставено и диригирано политички. Еве зошто, господа министри:

  • Прво, орган во состав на МОН е ПЕДАГОШКАТА СЛУЖБА, со именуван директор. На 25 јули 2008 година, донесен е Закон за учебници за основно и средно образование (па следат измени и дополнување на законот).

Со овој Закон се пренесоа ингеренциите за учебници кои дотогаш беа регулирани со Законот за основно образование и Законот за средно образование, на Педагошката служба. Организираноста на постапките околу одобрување, а подоцна и печатење на учебниците премина во рацете на Педагошката служба. Согласно Закон за учебници за основно и средно образование, господа министри, „знам дека знаете“ учебникот е основно средство и извор на знаење за остварување на воспитно-образовните цели утврдени со наставниот план и програма на основно и средното образование. „Знам дека знаете“ дека основното и средното образование е задолжително и учениците ги добиваат учебниците бесплатно. „Знам дека знаете“ дека се забранува секаква дискриминација кон учениците и „знам дека знаете“ дека доследно треба да се применува Конвенцијата за правото на детето (КПД), а „знам дека знаете“ и дека Педагошката служба при МОН, како стручна административна служба треба да е во функција на обезбедување на неопходни учебници за редовно функционирање на училиштата. И сето тоа согласно законската регулатива.

  • Согласно Законот за учебници за основно и средно образование (ЗУОСО), Владата на Република Македонија формира Национална комисија за учебници (Национална комисија). Таа Национална комисија е составена од 21 член, кои ги именува и разрешува Владата, и тоа: четири члена од високообразовните и научните установи од областа на јазиците, два члена од високообразовните и научните установи од областа на општествено- хуманистичките науки, па понатака од областа на природните науки, математика и техника, па од областа на уметностите и спортот и седум члена од основните и средните училишта.

Која е надлежноста на Националната комисија?

Надлежноста на Националната комисија меѓу другото е од рецензентите од соодветната научна област да формира рецензентска комисија за ракописот на учебници. Истите донесуваат мислење од рецензентските комисии до директорот на Педагошката служба, па следат реферирање и слично (видите: Подетално има во ЗУОСО)

Согласно Законот за учебници за основно и средно образование, БРО во соработка со Центарот за стручно образование и со Центарот за образование на возрасните изработува Наставна програма за издавање на учебници. Значи Бирото изработува Наставна програма по одделенија по предмети. Воедно БРО дава образложено мислење за усогласеноста на учебникот со новата програма.

По добивањето на наставната програма по предмети од страна на БРО, Педагошката служба, објавува Конкурс за издавање на учебници одделно за секое одделение и предмет. По добиените ракописи за учебници, Педагошката служба, му ги доставува ракописите на Бирото за мислење за усогласеноста на учебникот со наставна програма или не. По добиеното мислење од Бирото во Педагошката служба се одвива (треба да се одвива?) стручна расправа со рецензентите на ракописите и со членовите од Националната комисија (второстепена комисија) по области по соодветниот предмет. Дали така се постапува? Одговор треба да дадат одговорните на Педагошката служба. А, одговор нема да има. Како што немаше и последниве неколку години. Каде се манипулациите најдобро знаат министрите.

  • Бирото за развој на образованието (БРО) како  орган на управа во состав на МОН со својство на правно лице која врши стручна работа за развој и унапредување на воспитанието и образованието во Република Македонија. Нивната надлежност, меѓу другото е да му предложи на министерот за образование и наука, Концепт за развој на на воспитно-образовниот систем и му предлага наставни планови и програми за предучилишно, основно, средно и специјалистичко образование на учениците со попреченост и за образование на возрасните и слично (види подетално во Законот за БРО).

Излезни решенија за да нема дискриминација на учениците за учење

Законот за основно образование (ЗОО), поаѓа од основните начела (основи), меѓу другото, а тоа е НАЈДОБРИОТ ИНТЕРЕС И ЦЕЛОСЕН РАВОЈ НА УЧЕНИКОТ (дали се запазува најдобриот интерес на ученикот?)… па понатака следат: постигнување на националните стандарди за учениците во основното образование од подрачјата: јазична писменост, изучување на други јазици, математика, природни науки, технологија, дигитална писменост… уметничко изразување култура и мултикултура и слично.

Со оглед на фактот, како што и наведов, учебникот е основно средство и извор на знаење за остварување на воспитно-образовните цели утврдени со наставниот план и програм на основно и средното образование.

За овие неколку години (седум и повеќе години) се прекршени основните начела од НАЈДОБРИОТ ИНТЕРЕС НА УЧЕНИКОТ да немаат учебници по сите предмети по одделенија, а во конкретниот случај по странски јазици (по одделенија од прво до деветто: англиски, француски, германски, италијански) како и учебници за јазик и култура на заедниците во училиштата. Ова доволно говори дека не се почитува и применува меѓународната потпишаната и ратификуваната Конвенција за правата на детето (КПД), која е обврска на Република Македонија, а во овие рамки се врши и ДИСКРИМИНАЦИЈА НА УЧЕНИЦИТЕ. Таа, дискриминација ја потврдуваат многу родители, кои изјавуваат дека: „не се во можност да им удоволат на своите деца да ги запишат да учат странски јазици во приватни школи, поради економската немоќ и сиромаштија“, за разлика од оние добро стоечки финансиски родители кои  ги запишуваат своите деца да учат странски јазици во приватни школи и им даваат други поволности. Зарем ова, господа министри и вие кои ја раководевте и раководите Педагошката служба при МОН не е дискриминација!

Од напред наведените причини, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, треба да ги задолжи Бирото за развој на образованието, за најдобриот интерес на децата, да изготви Прирачници за учениците и наставниците по странски јазици по: англиски, француски, германски, италијански по одделенија од прво до деветто одделение, а благовремено Педагошката служба при МОН, да пристапи кон објавување на Конкурс за за објавување на странски учебници по јазици, како и учебници за јазик и култура на заедниците во училиштата за основно образование, како и за средните стручно образование за учебната 2025/26 година, а со тоа да се надминат повеќегодишните манипулации и шпекулации на министрите за образование и наука.

На потег е МОН и Педагошката служба, за надминување на ДИСКРИМИНАЦИЈАТА и непочитување на Конвенцијата за правата на детето (КПД)!

За ова ќе бидат известени и УНИЦЕФ – Македонија!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес