26 случаи на британската мутација на коронавирусот во Грција

Новиот мутиран вид на коронавирусот, откриен во 26 случаи во Грција, беше причина министерот за здравство Василис Кикиљас да свика состанок со претседателот на Научниот совет на Институтот за биомедицински истражувања на Академијата во Атина со претседателот на Националната организација за јавно здравје, како и со професори епидемиолози, и да најави формирање на специјална мрежа за следење на мутациите, јави дописничката на МИА од Атина.

– Навистина, мутациите се едно важно прашање што како разврска нè загрижуваат – истакна Кикиљас по состанокот.

Тој рече дека се во постојан контакт со Европскиот центар за превенција и контрола на болести и формираат мрежа за надзор и дијагноза на новиот вид на ковид-19 „за да има правилна епидемиолошка анализа и Владата да може да донесе соодветни одлуки“.

Претседателот на Научниот совет на Институтот за биомедицински истражувања на Академијата во Атина Димитрис Танос рече дека тие имаат соодветни можности и искуство „за целосно геномско прикажување на различните видови на коронавируси во земјата“.

– Како што знаете, веќе идентификувавме 26 случаи на британската мутација и во овој момент, бидејќи има потреба да се прошири оваа активност, министерот и Владата создаваат мрежа за испраќање на примероците од целата земја до Институтот за биомедицински истражувања, каде што ќе се врши идентификација на вирусот кој потекнува од конкретни области, од конкретни лица – рече Танос.