Јовановски е дипломиран електроинженер со богато и долгогодишно работно искуство во подружницата Оператор на електропреносниот систем (ОЕПС) во рамки на МЕПСО, а од март годинава досега ја извршуваше функцијата Заменик на генерален директор. Јовановски својата кариера во МЕПСО ја започна како оперативен водител во Националниот диспечерски центар (НДЦ). Јовановски работеше 12 години во НДЦ, организациска единица од круцијално значење за ОЕПС и за МЕПСО, од каде во реално време и во континуитет 24 часа секојдневно се управува македонскиот електроенергетски систем. Потоа во период од 2 години Јовановски беше ангажиран во процесите на организирање аукции за расположливи прекугранични капацитети и други процеси за оперативно планирање во ОЕПС. Кон крајот на јануари 2014 година беше именуван за директор на подружницата ОЕПС и за член на Управниот одбор на МЕПСО. Јовановски е член на бордот на директори на SEE CAO, регионална компанија која организира аукции за закуп на расположливи прекугранични капацитети, а го претставува МЕПСО и во Комитетот за системски операции за управување со електропреносните системи на Европската асоцијација на електропреносни систем-оператори (ЕНТСО-Е). Јовановски на позицијата генерален директор и претседател на УО го замени м-р Синиша Спасов кој четири години управуваше со МЕПСО.