28 случаи на голема кашлица во Скопје

Вкупно 28 случаи на пертусис, односно голема или магарешка кашлица, се евидентирани на територија на Скопје до утрово, потврди за МИА, доктор Лулзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје.

Комисијата за заразни болести, меѓу другото, донесе препорака за прогласување епидемија на голема кашлица во Скопје.

Здравствените власти периодов апелираат до граѓаните да се вакцинираат и себеси и најмладите, со цел да се заштитат од пертусис. Како што нагласуваат, вакцината која се прима на 2, 4, 6, 18 месеци и на 7 години е клучна за да се спречи понатамошно ширење на болеста.

УНИЦЕФ изрази загриженост од растечкиот број случаи на голема кашлица во земјава и од вестите за случаи со мали сипаници во регионот и се придружи кон повикот на здравствените експерти, до родителите и старателите, да ги вакцинираат децата што пропуштиле вакцинација.

Заменик министерката за здравство во техничката Влада, Маја Манолева во понеделникот, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека пунктовите во здравствените домови работат со продолжено работно време.

– Конкретно во Здравствен дом Скопје, отворени се дополнителни смени во повеќе поликлиники низ градот и пунктовите за вакцинација дополнително ќе работат и сабота. Точно е дека има гужва. Би повикала на родителите од овие причини во редовните термини за вакцинација да ги вакцинираат своите деца, да не се соочиме повторно со некој ваков бран во понатамошниот период и за морбили и за други заболувања за коишто би требало децата да се вакцинираат во редовниот календар. Но, еве, овозможивме услови и во овој период дополнително работат пунктови за имунизација со продолжено работно време – рече Манолева.

Во земјава има хоспитализирани деца, но и возрасни со пертусис. Надлежните сепак изминатите денови изјавија оти кај нас состојбата е стабилна и за разлика од други држави во регионот, за среќа, немаме смртни случаи.