Џудишал Воч, една од најголемите американски организации кои се борат за транспарентност во работата на американските власти, соопшти дека покренала истрага за Стејт Департментот и УСАИД, по најавите дека американската Влада била вмешана и финансирала обид да се смени власта во Македонија. Џудишал Воч го обвинува амбасадорот Џес Бејли дека со државни пари финансирал левичарски невладини организации во Македонија, пред се поврзани со Фондацијата Отворено Општество на Џорџ Сорос, кои учествувале во насилни протести.
Организацијата Џудишал Воч е позната по големиот број успешни судски спорови кои ги покренала против разни американски државни институции, барајќи од нив да достават документи со кои се потврдува злоупотреба на парите на даночните обврзници, и информираше дека упатила вакви барања до Стејт Департментот и до УСАИД во врска со Македонија.
Американската Влада прикриено потроши милиони долари на даночните обврзници со цел да ја дестабилизира демократски избраната десно ориентирана Влада на Македонија, и тоа во соработка со милијардерот Џорџ Сорос. Документи кои ни се достапни покажуваат дека Џес Бејли, Амбасадорот на Барак Обама во Македонија, заткулисно соработувал со Фондацијата Отворено Општество и префрлил големи суми американски јавни пари за оваа цел, што претставува мешање на амбасадорот во внатрешни политички прашања и е кршење на Виенската Конвенција. Парите течеле низ Стејт Департментот и агенцијата УСАИД, која е позната по својата корумпираност, пишува Џудишал Воч во својот коментар.
Организацијата укажува на неколку договори на УСАИД со Фондацијата Отворено Општество, еден од нив вреден 9,5 милиони долари, а друг 5 милиони долари, за кои вели дека биле искористени за мешање во внатрешните политички прашања на Македонија. Бидејќи организацијата се сомнева дека јавно достапните податоци за работата на Стејт Департментот и УСАИД се нецелосни, до двете институции упатила барање согласно американскиот закон за пристап до податоци од јавен интерес.
Фондацијата Отворено Општество создала десетици левичарски невладини организации, се со цел да ја урне конзервативната Влада на Македонија. Македонски претставник кој разговараше со Џудишал Воч ги опиша овие организации како ‘пешадијата на Сорос’. Се работи за младински организации и влијателни медиуми кои организирале насилни протсти со цел да се поткопаат институциите на државата и владините политики. Една од овие организација ја превела и книгата ‘Правила за радикали’ на Сол Алински која служи како тактички учебник за субверзивни дејности и радикални улични протести. Благодарение на Амбасадорот на Обама, кој се уште не е разрешен од страна на претседателот Трамп, американските пари продолжиле да течат кон овие групи, за нивни активности и регрутирање, пишува во соопштението на Џудишал Воч.
Организацијата предупредува дека една од причините за интересот на левичарските групи за Македонија веројатно лежи во клучната позиција на Балканската мигрантска рута, која Македонија ја затвори поставувајќи ограда на границата на почетокот на 2016 година. – Ова е од голем интерес за Сорос, кој е гласен поборник за отворање на границите, за управување на светот преку глобални институции, за поткопување на американското влијание во светот и за поголема муслиманска имиграција, додава Џудишал Воч.
Џудишал Воч најави дека се придружува на сличните повици за транспарентност упатени од членови на Конгресот, кои исто така се обратија со писма до Стејт Департментот и до Амбасадата во Скопје, барајќи одговори за нивното финансирање на организации на Сорос во Македонија. – Не веруваме дека ќе добиеме одговори, особено имајќи предвид дека Бејли е по се изгледа на заминување. Останува фактот дека милиони долари на американските даночни обврзници биле потрошени на илегални активности и владините организации кои го сториле тоа мора да понесат одговорност”, заклучува Џудишал Воч.
Оваа организација во минатото ги има тужено администрациите на претседателите Клинтон, Буш и Обама, барајќи пристап до податоци кои разни институции се обидувале да ги сокријат од јавноста, прогласувајќи ги како класифицирани. Џудишал Воч беше меѓу водечките организации кои го тужеа Стејт Департментот да ги обезбеди електронските пораки кои Хилари Клинтон ги разменувала преку своите приватни адреси. Клинтон и Стејт Департментот се најдоа на удар на Џудишал Воч и околу терористичкиот напад врз конзулатот во Бенгази, успевајќи да добие и да објави важни документи поврзани со активностите на американските власти за време на нападот. Организацијата беше клучна и во разоткривањето докази дека даночната служба на САД ги злоупотребувала своите овластувања да гони политички противници поврзани со Републиканската партија.