Загадениот воздух е причина за смрт на најмалку 3,3 милиони лица годишно ширум светот. Таканареченото интензивно земјоделство, особено во индустриските држави, е главна причина за создавањето на причинителите за смртта на двојно повеќе луѓе од колку што умираат од ХИВ вирусот и маларијата заедно, пишува МИА.
Загрижувачките податоци ги анализирале и соопштиле научници од Германија, Кипар, Саудиска Арабија и Сингапур, чии истражувања ги координирал познатиот универзитет Харвард од САД.
Според нивната студија, ако загадувањето на воздухот продолжи со ова темпо, во 2050 година двојно повеќе, идносно над 6,6 милиони луѓе на планетава, ќе бидат жртви на последиците од загаден воздух.
Со статистички и компјутерски модели за анализа научниците дошле до податокот дека две третини од жртвите на загадениот воздух починале од мозочен удар или срцев напад, директно предизвикани со вдишување на загаден воздух.
Бројот на жртвите значајно ги надминува и така песимистичките прогнози од пред 10 години, направени врз основа на испитувањата на загаденоста на воздухот кој тогаш го организираше познатиот германски институт Макс Планк. Во таа прогноза се наведуваше дека околу пет посто од болестите што завршуваат трагично ќе бидат предизвикани од загадениот воздух, а последново истражување покажало поголем процент.
Со околу 1,4 милиони смртни случаи годишно, жителите на Кина се најголемите фаталисти. Со 645.000 случаи на смрт поради дишење загаден воздух следи Индија, а соседниот Пакистан регистрирал 110.000 случаи.
На седмо место по бројот на смртни случаи се САД, каде смогот бил причина за смрт на 54.905 жители. Прецизно се пресметало дека од загадувањето на воздухот од земјоделските фарми се разболеле и починале 16.221 лице, а од загадувањето што го предизвикале фабриките 707 Американци повеќе.
Од земјоделските фарми најопасен причинител е амонијакот кој испарува од изметот на добитокот, а кога тој се спојува со опасните гасови од термоелектраните на тврдо гориво и издувните гасови од сообраќајот, ризикот по човековото здравје е повеќекратно зголемен.
Комбинацијата на ваквото загадување е најприсутна во североисточниот дел на САД, цела Европа, Русија, Јапонија и Јужна Кореја.