3,4 милиони евра за инфраструктурни проекти во девет општини

На девет општини од земјава им се доделени 206,6 милиони денари или 3,4 милиони евра преку Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП, којшто го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка.

Министерството за финансии информира дека од овие пари 43,8 милиони денари се грант. Парите се за капитални проекти како изградба и реконструкција на локални патишта, реконструкција на водоводна мрежа, изградба на пречистителна станица, реконструкција на пазар и набавка на општинска механизација.
Паарите се доделени на Велес, Свети Николе, Чаир, Струмица, Неготино, Гази Баба, Чешиново-Облешево, Брвеница и Пехчево.

Во рамки на овие проекти, општина Велес има добиено заем од 46.000.000 денари за реконструкција на градскиот пазар, општина Свети Николе заем од 43.000.000 денари за изградба и реконструкции на повеќе улици во населеното место Рудине, општина Чаир заем од 39,7 милиони денари за реконструкција на водоводната мрежа, како и нафекалната и атмосферската канализација на улица „Дижонска“, општина Неготино 19,9 милиони денари за реконструкција на локални улици во градското подрачје, Чешиново–Облешево заем од 8,4 милиони денари за реконструкција на седум улици и Брвеница заем од 5,7 милиони денари за набавка на комбинирана машина – ровокопач за јавното комунално претпријатие.

Грантови имаат добиено и  општините: Струмица во износ од 24.000.000 денари за изградба на две сервисни улици и колектори во местото Софилар, Гази Баба во износ од 18,3 милиони денари за изградба на пречистителна станица во месноста Смилковци и Пехчево во износ од 1,6 милиони денари за изградба на локални улици во село Црник.

Преку Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП, кои има вкупен фонд од 102 милиона евра, досега се поддржани над 260 капитални инвестиции во сите општини во земјава.

– Зборуваме за околу шест километри локален пат, реконструкција на пазар и набавка на општинска механизација, но овие проекти имаат навистина големо значење за локалното население. На пример, со набавката на ровокопач за комуналното претпријатие во Брвеница, зимно време полесно ќе се отстранува снегот од локалните патишта, како и од речните корита. Нашата цел, преку овој проект, е да овозможиме подобри јавни услуги во секоја општина во земјава и на тој начин да креираме подобри услови за живот за сите наши граѓани изјави министерот за финансии Фатмир Бесими по средбата со градоначалници и претставници на општините кои добија пари за проекти.