Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје му изрече мерка притвор во траење од 30 дена на осомничениот Ристо Новачевски, кум на поранешниот премиер Никола Груевски, кој се товари за сторено кривично дело перење пари со кои се купувале плацеви на Водно.
– Постапувајќи по предлог на Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор, пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје денеска беше спроведен Р.Н. поради постоење на основано сомение дека го сторил кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело по чл. 273 ст.1 вв. со чл. 45 од КЗ. Судија на претходна постапка по разгледување и ценење на предлогот, како и произнесување на одбраната и обвинителството донесе решение со кое го уважи предлогот и на Р.Н. му се определува мерка притвор во траење од 30 дена – информираат од Основен кривичен суд Скопје.
Против ова решение има право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд.
Претходно денеска обвинителката Вилма Русковска од судијата на претходна постапка од Кривичниот суд во Скопје побарала притвор и замрзнување на имотот за осомничениот Ристо Новачевски кој се товари за сторено кривично дело перење пари со кои се купувале плацеви на Водно.
– Истрагата се работела подолг временски период и е започната во поранешното СЈО, а последните неколку месеци се работеше во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Се работи само за едно кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ затоа што предикативното е веќе застарено. Во моментов се осомничени шест лица – изјави Рускоска пред Кривичниот суд.
Таа прецизира дека во моментов се осомничени само физички лица и додаде дека сега засега во истрагата нема осомничено правно лице.
Во овој предмет покрај Новачевски осомничени се и поранешниот премиер Никола Груевски, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и неговата мајка Ратка Камчева.