Во петокот официјално започна Европското првенство во Полска за играчи до 21 година. На отварањето, во дербито на колото, Шведска и Англија одиграа 0:0, додека, пак, Словачка победи со 2:1 против домашната репрезентација на Полска.
Денеска нѐ очекуваат вистинските возбудувања на овој турнир. Од 20,45 часот Македонија ќе се соочи со силната селекција на Шпанија. Во нашата група од 18 часот играат уште Србија и Португалија.
Селекторот на Македонија до 21 година Благоја Милевски и капитенот Давид Бабунски на официјалната прес-конференција во петокот говореа за очекувањата на нашата репрезентација од ЕУРО 2017 и пресметката против Шпанија.
„Ние сме меѓу дванаесетте најдобри селекции во Европа и имаме право да бидеме горди на тоа. На ова Европско првенство ќе се обидеме да уживаме во натпреварите. Немаме притисок, но ќе се однесуваме одговорно и посветено. Фудбалерите се добро подготвени и сугурен сум дека ќе го дадат најдоброто од себе“, рече селекторот Милевски.
„Горди сме што ќе играме на овој шампионатот. Навистина сме среќни што токму ние пишуваме историја за нашата земја. Факт е дека ја добивме најтешката група на првенството, но тоа е дополнителен мотив за секој од нас. На хартија можеби противникот е фаворит, но само на теренот се потврдува квалитетот. На теренот ние ќе се потрудиме да покажеме колку вредиме“, изјави Бабунски.
Во овој тим на Милевски има дури шест играчи од редовите на Вардар. Станува збор за: Игор Алексовски, Бесир Демири, Бобан Николов, Дарко Велковски, Петар Петковски и новото засилување на Вардар, Висар Муслиу. Речиси сигурно е дека првите четворица ќе започнат од првата минута, додека, пак, на клупата за резерви шанса ќе чекаат Муслиу и Петар Петковски.