За победелник е најавена посета на Македонија на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, со кој средба ќе има и раководството на ВМРО-ДПМНЕ коешто ќе предупреди на обидот власта да воспостави целосна партиска контрола врз судството
„ВМРО-ДПМНЕ од Европската комисија очекува принципиелност и поддршка за реформи кои ќе значат долгорочни системски решенија согласно европските стандарди. Тоа што СДС подолг период наназад го промовира како реформа во судството е само обид за целосна партизација и начин на којшто пресудите не би се носеле во судница, врз основа на докази, туку би се нарачувале директно од страна на Зоран Заев“, изјави во неделата членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски одговарајќи на новинарско прашање.
Мицковски констатираше притоа дека власта поради своите намери изминативе месеци секојдневно ги заплашувала судиите со неуставен реизбор, а сега започнала да пристигнуваат и информации за промена во начинот на избор на Судскиот совет.
„Јавноста треба да знае дека во моментов пет членови на судскиот совет се избираат на предлог на Претседателот (на државата) и на Собранието, додека другите осум се бираат од страна на самите судии на тајно гласање. Она на што СДС е фокусиран во моментов не е начинот на избор, туку персоналниот состав. СДС сака да инсталира партиски кадри кои потоа би помогнале во реализација на крајната цел, заплашување и целосна партиска контрола на судството. ВМРО-ДПМНЕ ова нема да го дозволи ова“, порача Мицковски.
Истакна дека земјата и граѓаните веќе еднаш беа жртви на брутална партизација на судството.
„Паметите, за само неколку часа СДС разрешија и реизбираа 617 судии. Сведочењата од тој период говореа дека мислењата се чекале од општинските организации на СДС. Сите видовме до што доведе ваквата брутална партизација. Следуваше криминалната приватизација во која беа затворени стотици фабрики, а стотици илјади вработени останаа на улица. Целокупниот систем и државните институции беа уништени и клекнати на колена. ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротистави на повторувањето на ваквото сценарио“, рече Мицковски.
Нагласи дека Европската унија, минатата година остро се спротистави на реформите во судството кои ги предлагаше полската влада. Истите беа протолкувани како политички притисок врз судството.
„Оттука, ВМРО-ДПМНЕ очекува еврокомесарот Јоханес Хан да остане принципиелен и да не се воведуваат двојни стандарди, односно истите впечатоци да ги пренесе и во текот на средбите со политичките елити во текот на утрешниот ден. Едни кои важат за членките на ЕУ и други кои важат за Република Македонија се неприфатливи. Тоа што важи за членките на ЕУ тоа да важи и за Република Македонија“, рече Мицковски.