На денешен ден пред 34 години во Сремска Каменица почина Никола Солдатов, познат македонски новинар и долгогодишен ТВ коментатор.
Тој бил еден од основачите на Спортската редакција на Телевизија Скопје и како врвен ТВ репортер се вбројува во доајените на македонското спортско новинарство. Извршил околу 1000 ТВ преноси од спортски и од други настани.
Завршил гимназија во Скопје (1946) и учествувал во НОБ (од 1944). Во Радио–Скопје бил редактор и уредник на Младинската, Спортската и на други редакции, а бил и спикер, коментатор и радио–репортер (од 1946). Вршел преноси од голем број спортски натпревари и други манифестации.
Коментарот Златко Калински во едно интервју ќе каже: „Солдатов беше најдобриот ментор што можев да го добијам“.
-Првиот телевизиски пренос ми беше од Белград, од Купот на шампионите меѓу ракометарките на Раднички и романскиот Рументул. Утредента, коментарот на мојот ментор Никола Солдатов гласеше: „Нема потреба на гледачот да му го раскажуваш тоа што го гледа, не опишувај, коментирај ги случувањата“ – вели Калински.
Солдатов е роден во 1926 година во Скопје.