35 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Истанбулскиот универзитет

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК) одбележува уште еден голем јубилеј – 35 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет. По овој повод, на 11 јуни 2021 година, со почеток во 10 часот, преку платформата Зум ќе се одржи свечен настан посветен на лекторатот по македонски јазик во Истанбул.

Настанот ќе го отвори ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), проф. д-р Никола Јанкуловски, по што свои обраќања ќе имаат и ректорот на Истанбулскиот универзитет, проф. д-р Махмут Ак и генералниот конзул на Република Северна Македонија во Република Турција, д-р Актан Аго. Осврнувајќи се на овој голем и исклучително значаен јубилеј којшто се случува во годината кога се одбележуваат 100 години од раѓањето на великанот Блаже Конески, пред учесниците на настанот ќе се обратат и деканот на Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет, проф. д-р Хајати Девели и деканката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на УКИМ, проф. д-р Анета Дучевска.

Во вториот дел од настанот свои излагања ќе имаат директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ (МСМЈЛК), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, на тема: „Конески – мостот меѓу двата универзитета, меѓу Скопје и Истанбул, меѓу двете земји и двата народа“ и раководителот на Катедрата за словенски јазици и литература, во чии рамки е Катедрата за македонски јазик и книжевност на Истанбулскиот универзитет, проф. д-р Емине Инанир, на тема: „35 години изучување на македонскиот јазик во Истанбул во светлина на 100 години од раѓањето на Блаже Конески“.

Потоа, со свои излагања за работата на лекторатот по македонски јазик во Истанбул, настанот ќе го збогатат: раководителот на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Факултетот за литература при Истанбулскиот универзитет,  проф. д-р Ѓонул Узелли, некогашниот лектор по македонски јазик на Истанбулскиот универзитет, проф. д-р Гордана Алексова и сегашниот лектор, м-р Марина Цветаноска.

Особено радува што свое учество и на овој настан ќе имаат студенти коишто го изучуваат македонскиот јазик на Истанбулскиот универзитет – Ајтен Атмаџа, којашто ќе настапи со песната „Убавите жени“ и Сила Екин со песната „Пеперуга“ од Блаже Конески.

Овој значаен јубилеј – 35 години македонистика на Истанбулскиот универзитет, којшто се одбележува во годината кога се чествува стогодишнината од раѓањето на Конески е уште еден показател на одличната соработка меѓу УКИМ и Истанбулскиот универзитет, како и на мостот меѓу двете земји и култури, што и обврзува и понатаму да се создаваат и поддржуваат нови генерации проучувачи на македонскиот, но и на турскиот јазик, литература и култура во двете земји.

Одбележувањето на јубилејот следи по зимската школа организирана од МСМЈЛК, којашто се одржа на почетокот од оваа година, од којашто произлезе зборникот „Конески на 11 јазици“ промовиран минатата недела, како и по одбележувањето на јубилејот 45 години на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“. Со одбележувањето 35 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Истанбулскиот универзитет, УКИМ продолжува со низата активности за достоинственото чествување на ликот и делото на Блаже Конески.

>Овој настан е дел од годишната програма на МСМЈЛК при УКИМ, а се остварува во рамките на богатата програма посветена на големиот јубилеј на великанот Блаже Конески, како дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, под покровителство на претседателот на државата, Стево Пендаровски, а во координација на Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука.