Властите во БиХ ќе ги враќаат џихадистичките борци и семејствата

 

Властите на Босна и Херцеговина планираа да ги вратат во земјата припадниците на ултрарадикалната сунитска терористичка групација Исламска држава и членовите на нивните семејства, објави во неделата сараевскиот дневен весник Dnevni avaz повикувајќи се на информации од Советот на министри.

Според информацијата којашто Советот на министри му ја доставил на Парламентот на БиХ, се планира формирање координативно тело за решавање на прашањето со враќањето на терористичките борци и членовите на нивните семејства, жени и деца, од боиштата во Сирија.

Постапката за враќање на терористичките борци од Сирија и од Ирак, ја води Министерството за надворешни работи на БиХ, се прецизира. Се претпоставува дека во моментов во зоните зафатени со воените дејствија се наоѓаат 120 државјани на БиХ, од кои 50 се деца.

Според претходните наводи на безбедносните служби, од почетокот на војните во Сирија и во Ирак, на страна на Исламската држава имало 290 борци од БиХ. Според истите извори, на блискоисточните боишта загинале повеќе од 70.

Властите на БиХ за сите лица кои се бореле на страната на Исламската држава распишаа меѓународни потерници. Во неодамнешниот извештај на Обвинителството на БиХ се наведува дека има сѐ повеќе лица кои се уапсени по сила на овие потерници, како и дека се очекува да бидат екстрадирани на властите во Сараево.

Во зоните на судирите има и голем број деца кои се таму родени и немаа државјанство на БиХ. Советот на министрите наведува дека тие ќе имаат право да го стекнат државјанството на БиХ доколкуи до 23-та година на надлежните тела во земјата им поднесат пријава за евидентирање на државјанствата.