Кејн спаси кикс на Англија против Тунис

Во мечот од првото коло од Групата Г на Светското фудбалско првенство во вечерниот термин на мундијалската програма во понеделникот Англија со гол во последните моменти од дуелот славеше над Тунис со 2:1 (1:1).

Стрелец на двата гола за Англија беше голгетерот на Тотенхем Хари Кејн, во 11 и во првата минута од судиското продолжение, додека погодокот за Тунис го постигна Ферџан Саси во 35 минута од пенал.

Англија решително тргна од првиот свиреж на судијата и таквиот пристап резултираше со водство веќе во 11 минута. По еден удар од аголот на противничката половина највисок во скокот беше Стонс к, но неговиот удар бравурозно го запре голманот Хасен, но за жал топката се одби право на ногата на англискиот капитен Хари Кејн кој ја спроведе во мрежата. Но и пред голот Англија имаше две шанси, прво во 3 минута Хендерсон го исфрли Деле Али на десното крило а овој се втурна во шеснаесетникот и го послужи Лингард чиј обид од голема близина одлично го запре Хасен. Веќе во следната минута Лингард се проби по левата страна му додаде на Стерлинг, но овој од само пет метри го промаши целиот гол.

Голманот Хасен при интервенциите, особено кога Гордиот албион поведе, се повреди по што уште во 15 минута мораше да биде заменет со Бен Мустафа.

Во продолжението Англичаните го намалија темпото и им дозволија на Тунижаните да воспостават рамнотежа на теренот. Сепак, северноафриканската селекција не успеа од игра да создаде шанса за израмнување. Но во 33 минута Вокер неразбирливо го зафати Бен Јусеф во сопствениот шеснаесетник па му овозможи на Саси од белата точка да го совлада голманот Пикфорд. Англија во последните десетина минути од првото полувреме создаде уште две добри прилики за гол, но Стонс по мешаницата во тунискиот казнен простор во 39 минута не погоди од само пет метри, а во 44 минута Лингард дојде до топката пред голманот Бен Мустафа, но неговиот удар заврши во дирекот.,

Во второто полувреме Тунис многу поуспешно успеваше да ги затвори приодите кон својот гол, па Англија повеќе немаше такви шанси за погодок. Сепак, големиот англиски притисок во финишот на мечот резултираше со уште еден гол на Кејн, многу сличен на водечкиот. Во последните моменти од дуелот по уште еден корнер Мегваер ја натскока туниската одбрана и ја префрли топката на втората статива каде што ја пречека осамениот Кејн и ја проследи во мрежата крај скаменетиот Бен Мустафа.

Претходно во понеделникот во првиот меч од оваа група во Сочи Белгија беше убедлива со 3:0 против Панама. Така Црвените ѓаволи и Гордиот албион имаат по три бода, а Тунис и Панама се без бодови.