Земјите членки на Европската унија дадоа во понеделникот политичка поддршка за нацрт договорт за истапувањето на Велика Британија на 29-ти март следната 2019 година, кој беше договорен на ниво на преговарачите на Брисел и Лондон.
Советот за Општи работи, кој го сочинуваат министрите за надворешни или за европски работи на земјите членки на ЕУ, се состанаа во понеделникот во форматот на 27-те членки за да расправаат за излегувањето на Велика Британија од Унијата, откако по мачни преговори беше постигнато усогласување за текстот на нацрт договорот за излегувањето и нацрт политичката декларација за идните меѓусебни односи.
Единствено резерви кон текстот искажала Шпанија, којашто соопштила дека не може да даде поддршка за нацрт договорот без нови гаранции во однос на британската енклава Гибралтар на Иберискиот полуостров, територија којашто и’ припаѓа на Велика Британија, а на која Мадрид полага право.
Челниците на 27-те земји членки на Европската унија ќе се соберат во недела на вонредниот самит во Брисел, на којшто треба да го потврдат нацрт договорот.
Британската влада со мнозинство го прифати нацрт договорот што беше повод за оставка на четворица нејзини функционери поради несогласувањето со предлогот на премиерката Тереза Меј, но големо прашање е дали текстот ќе добие поддршка во парламентот. Значителен дел од пратениците на владејачката Конзервативна партија не е задоволен од нацрт договорот и бара за него уште да се преговара.
Од друга страна, пак, за другите 27 земји членки исклучена е можноста да се преговара за веќе испреговараниот нацрт договор. За ЕУ останува уште да се реши прашањето на преодниот период, во текот на кој Британија ќе продолжи да ги почитува прописите на Унијата, но повеќе нема да биде членка и нема да може да влијае на носењето одлуки во сојузот. Засега е предвидено преодниот период да трае до крајот на 2020 година, но според дипломатски извори, главниот европски преговарач Мишел Барние, наводно, има намера да предложи тој период да биде продолжен на две години. Британската премиерка Меј, пак, изјави дека преодниот период мора во секој случај да заврши до следните избори во Велика Британија, кои се предвидени за во средината на 2022 година.