Новородените бебиња во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир, ќе имаат можност за безболна проверка на билирубин, која им ја овозможи донацијата од два апарати за неинвазивна проверка на билирубин од Амбасадата на Израел и Проект ХОПЕ.
Една од придобивките за употреба на овие апарати за проверка на билирубин кај новороденчиња е низок ризик од инфекции, траума и болка при мерење на нивото на билирубин. Исто така, резултатите од испитувања се достапни за неколку минути, што овозможува и брз третман на жолтица кај бебињата. „Во името на 4.000 бебиња кои утре нема да се боцкаат, фала ви многу“ истакна д-р Башким Исмаили, директор на Специјалната болница за гинекологија и акушерство, „Мајка Тереза“ – Чаир, кој кажа дека колку и да се зборува е малку за да се изрази благодарноста.
Оваа донација е една од последните активности на амбасадорот Дан Орјан, на крајот на мандатот во нашата земја. До сега, за време на мандатот, со донации на опрема и едукативни програми, амбасадорот многу пати ги има поддржано активностите на Проект ХОПЕ во државава.
Амбасадорот истакна дека му е особено драго што на неговата последна официјална посета како амбасадор, е тука и ја има можноста да придонесе со нешто многу важно за новороденчињата.
– Сè што можеме да направиме за овие мали бебиња, да им помогнеме во безболни методи е прекрасно и во Израел индустријата навистина се труди во изнаоѓањето на иновативни решенија, со тоа што луѓето, особено бебињата, би страдале помалку – истакна амбасадорот.