
Пред комплетниот состав на Конгресот во вторникот вечерта во Вашингтон, американскиот претседател Доналд Трамп во традиционалниот годишен говор за состојбата на нацијата вети дека на границата ќе „наложи да се изгради ѕид“ кој е причина за длабоките партиски поделби, и рече дека обидите на Демократската партија за „смешните партиски истраги“ може да му наштетат на американскиот напредок.
„Во минатото повеќето луѓе во оваа сала гласаа за ѕидот, но вистинскиот ѕид никогаш не е изграден. Ќе наложам да се изгради“, рече Трамп во својот втор говор за состојбата на нација.
Трамп дојде да говори пред двата дома на Конгресот неколку седмици откако неговото барање за 5,7 милијарди долари за градење на ѕидот на границата со Мексико доведе до историски најдолгата 35-дневна блокадата на сојузната влада коај на 25-ти јануари беше прекината на три седмици до 15-февруари.
Иако илегалната имиграција го нарече „итна национална криза“, Трамп не прогласи вонредна состојба што би му овозможило да го заобиколи Конгресот за финансирањето на ѕидот. Наместо тоа, ги повика републиканците и демократите да постигнат компромис околу прашањето на имиграцијата.
„Ѕидовите делуваат и ѕидовите спасуваат животи. Оттаму, ајде да соработуваме, да постигнеме компромис и ќе го постигнеме договорот кој ќе ја направи Америка сигурна“.
Демократите ѕидот го сметаат за фрлање пари, неефикасен и неморален чин.
„Имаме морално задача да создадеме имиграциски систем кој ќе ги штити животите и работните места на нашите граѓани… Мораме да ја отфрламе политиката на одмазда, отпор и реваншизам и да го прифатаме безграничниот потенцијал на соработката, компромисот и заедничкото добро“, рече Трамп.
Истакна е дека програмата која ја претставува „не е ниту рапубликански, ниту демократски. Тоа е програма на американскиот народ“. „Заедно можеме да го завршиме децениите политички блокади, да ги залекуваме старите рани, да изградиме нови коалиции, да најдеме ново решение“.
Трамп ова го изјави во моментот кога демократите кои сега имаат контрола над Претставничкиот дом планираат серија истраги за неговата администрација, а специјалниот обвинител се занимава со наводното руско мешање во американските претседателски избори во 2016 година и евентуален договор на Москва со изборниот штаб на актуелниот републикански претседател.
Станува збор за вториот говор за состојбата на нацијата на Доналд Трамп, но ова е првиот говор пред поделениот Конгрес, каде републиакнците имаат мнозинство во Сенатот, а демократите во Претставничкиот дом.
Демократскиот сенатор Чак Шумер пред говорот на Трамп рече дека има чувство дека секоја година „претседателот се буди на денот на говорот за состојбата на нацијата со ненадејна желба за единство, Другите 364 дена, претседателот го минува времето делејќи нѐ“.
Повикувајќи на единство, американскиот претседател истакна дека „победата не значи победа за нашата партија, победата значи победа за нашата земја“.
Зад Трамп седеше новата претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, облечена во бело како и поголемиот број од пратеничките на Демократската партија кои со тоа ја одбележаа 100-годишнината од женското право на глас во САД. Пелоси одвреме навреме студено му ракоплескаше на Трамп, а главно седеше со изразито вкочането лице.
„Имаме во Конгресот повеќе жени од кога и да е претходно“, рече Трамп на што пратеничките од Демократската партија станаа и му ракоплескаа, што беше редок момент за нивна поддршка на републиканскиот претседател.
Од друга страна, неговите републикански приврзаници по секои неколку реченици му упатуваа ракоплескања, а повеќепати и скандираа „САД, САД“.
Говорот на Трамп за состојбата на нацијата го слушаа пратениците, членовите на администрацијата, на дипломатскиот кор, првата дама Меланија и ќерката Иванка со сопругот, како и бројни специјални гости.
Економското чудо и смешните партиски истраги
Единствено што би можело да го сопре економското чудо се „смешните партиски истраги“, рече Трамп. Истакна дека САД минуваат низ економско чудо, дека „Америка победува секој ден. Состојбата на нашата нација е силна“.
Претседателот рече и дека американската економија „предизвикува завист од остатокот на светот, војската е најмоќната на Земјата“.
„Економското чудо се случува во Соединетите држави и единствената работа којашто би можела да го запре се глупавите војни, политиката и смешните партиски истраги“, рече Трамп. Оттаму, ги предупреди деморкатите да не се впуштаат во бесконечни истраги кои може да доведат до слабеење на американската економија.
Да не бев избран, ќе бевме во војна со Северна Кореја
Доналд Трамп потврди, како што претходно најавија некои американски медиуми, дека со севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун ќе се сретне на 27-ми и 28-ми февруари во Виетнам.
Има уште многу нешта да се направат кога станува збор за Северна Кореја, истакна Трамп, меѓутоа и нагласи дека знак за напредокот претставува тоа што Пјонгјанг ги запра нуклеарните проби и веќе 15 месеци не е изведено никакво лансирање.
„Доколку јас не бев избран за престедател на САД, сега би биле, според моето мислење, во голема војна со Северна Кореја“, рече Трамп и додаде дека односите со Ким, со кого се сретна на историскиот самит на 12-ти јуни ланската 2018 година во Сингапур, ги оценува како добри.
Венецуела, Кина, Иран, Авганистан
На народот на Венецуела, Трамп му вети американска поддршка во нивната желба за „слобода“. САД, како и уште четириесетина земји нивни сојузнички, го признаа самопрогласениот претеседател Хуан Гуаидо за нов провремен венецуелски претседател до новите избори на кои инсистираат, а коишто Николас Мадуро, кој победи на одржаните пред десет месеци, одбива да ги распише.
Зборувајќи за Кина, Трамп ја предупреди најнаселената земја на планетата и втората според обемот економија на светот, дека повеќе нема да може да ги „краде работните места и богатството од Американците“ и побара од Пекинг „структурни промени“, како ид а прекине со „неправедните трговски практики“.
„Имам големо почитување кон претседателот Кси (Џинпинг) и работиме со Кина на новиот трговски договор, но тој мора да спроведе вистински структурни промени за да запрат неправедните трговски практики, да го намали нашиот хроничен дефицит (во трговската размена) и заштита на американските работни места“, рече Трамп кој со Кина започна вистинска трговска војна со наметнување меѓусебни царини на стоки во износи од неколку стотици милијарди долари.
Трамп и Кси договорија тримесечно приомирје на самитот на Г20 на почетокот од декември во Буенос Аирес. Оттогаш се водат преговори за трговската рамнотежа, почитување на интелектуалнаа сопственост и преносот на технологијата. Двајцата челници треба да се сретнат подоцна во февруари за лично да ги договорат најспорните точки и да постигнат договор.
Трамп го осуди „радикалниот режим“ во Иран и вети дека Техеран никогаш нема да дојде до нуклеарно оружје. „Тие прават лоши, лоши работи“, рече американскиот претседател, обвинувајќи ја иранската влада дека е антисемитска.
Трамп ги повлече САД од меѓународниот нуклеарен договор за иранската нуклеарна прогрма минатата година, а потоа наметна нови санкции против Техеран, за кои вели дека се најстрогите кога и да е наметнати на оваа земја.
На темата Авганистан, рече дека не е сигурен дали ќе се постигне договор, но истовремено истакна и дека вреди да се направи обид. Изрази надеж дека преговорите ќе овозможат САД да го намалат бројот на војници во Авганистан, каде што Америка ја води најдолгата војна во својата историја, и ќе се фокусира на антитероризмот.
„Мојата администрација води конструктивни преговори во Авганистан со одреден број авганистански групации, меѓу кои и талибаните… Со напредувањето ќе можеме да го намалиме присуството на нашите војнции и да се концетрираме на антитероризмот. Не знаеме дали ќе дојдеме до договор или нема, но знаеме дека по две децении војна време е барем да се направи обид да се постигне мир“, рече Трамп.
Истакна дека ќе „продолжи со надворешната политика којшто на прво место ги става американските интереси“. Истакна и дека САД „никогаш нема да бидат социјалистичка држава“.
Трамп зборуваше пред најшареноликиот Конгрес во историјата, во кој има 127 женми и повеќе од 50 афроамерикански пратеници. Четириесет и петтиот американски претседател говорот го започна во 21 часот по локално време, односно три часа утрото во средата по средноевропско време, и тој траеше околу час и половина.
Според традицијата, по говорот на претседателот, некој од опозицијата официјално му одговара. Демократите за тоа овојпат ја избраа партиската ѕвезда во подем Стејси Абрамс, коај неодамна тесно загуби во трката за гувернер на сојузната држава Џорџија. Доколку победеше, ќе станеше првата црна жена на гувернерската должност во историјата на оваа јужна држава. Вака стана првата афроамериканка која му даде службен одговор на претседателот по неговиот говор за состојбата за нацијата.