Силјановска Давкова: Се надевам дека за пет години ќе излеземе од политичката транзиција

Професорката Гордана Силјановска Давкова на претседателската дебатата на Алсат телевизија истакна дека според Преспанскиот договор ќе треба да избришеме од историските учебници дека Македонците се бореле во граѓанската воја во Грција.

Посочи дека истото ќе важи и за Албанците кои се бореле од страната на ДАГ, а како што Македонците нема да смеат да ги употребуваат македонските топоними во Грција ниту Албанците ќе смеат да ги употребуваат своите.

„Ако знаете многу албански имиња се Епир. Едно од барањата на грчкото министерство за надворешни работи е да се тргне и тоа. Исто така, има проблем и со именувањата во Грција во делот што е познат како Чемерија. Исто така она што не смееме повеќе да го употребуваме, само Тесалоники, не Солун, тоа важи и за албанскиот јазик. Како се вика на албански Солун – Селаник, значи и тоа ќе биде забрането. Исто така, се бара од историските читанки да се тргне дека и Албанците и Македонците учествувале во ДАГ, а учествувале. Според тоа времето ќе покажи дека има проблем“, рече Силјановска Давкова.

Во натамошниот тек од дебатата на Алсат телевизија потенцираше дека таа има визија за поинаква Македонија, визија во која по петте години нејзин мандат, Македонија конечно ќе излеземе од политичка транзиција. Посочи и дека секоја реформа почнува од нас самите, притоа истакнувајќи дека ќе се самоограничи, а тоа ќе го предложи и на новата власт која ќе дојде по оваа.

„Јас имам женски сон, женска визија за поинаква Македонија со жени во кабинетот без оглед на етничката припадност, затоа што тогаш светот македонски е поинаков. По пет години се надевам дека ќе излеземе од лавиринтот наречен бескрајна демократска транзиција и ќе влеземе во демократска консолидација. Што мислам дека може да се случи, стручноста и компетентноста од кабинетот на претседателката како вирус да се рашират низ другите институции. Да видам, можеби, жена генерал, можеби жена шеф на генералштабот исто така. Да видам земја во која има поделена власт во која премиерот не ги покрива сите власти. Земја со стручна и компетентна администрација. Земја која ќе започне битка со криминалот и корупцијата и непотизмот. Ама со оваа власт не верувам. Најмногу сакам да видам држава во која ќе има половина помалку министерства, во која ќе нема заменици министри, во која ќе нема заменици на замениците директори на јавни претпријатија. Држава во која ќе нема советници кои ни себе не може да се советуваат. Секоја реформа почнува од нас. Јас ќе се самоограничам, но ќе предложам такво самоограничување и од следната влада“, рече Силјановска Давкова.