Британската амбасадорка до Мерко: Да се зачува статусот под УНЕСКО

Амбасадорката на Велика Британија во земјава, Рејчел Галовеј, на средба со струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко, денес побара Струга да се заложи регионот околу Охридското езеро да го зачува статусот кој го има под УНЕСКО, пренесува Алсат М, но, Мерко ја убедувал дека во Струга немало дивоградби, туку нив ги имало во Охрид.

„Откако дојдов во земјава, сите се многу горди на природните убавини кои ги има реката Дрим, Струга, Охрид и статусот под УНЕСКО. Особено е многу важно да се почитува статусот под УНЕСКО и да се заштити истиот…“, изјави Рејчел Галовеј- амбасадор на Велика Британијa.

„…Немаме проблем со УНЕСКО. Охрид сам кажа дека има дивоградби и оти ги има во голем број. Тие сами нека се справат, не треба да ја напаѓаат Струга за да си го исчистат својот двор“, рече градоначалникот Мерко.

Инаку, претходно од британската амбасада го посетија Основното училиште, Браќа Миладиновци во Струга кадe се спроведува обука на наставници од регионот како дел од проектот„Училишта на 21 век“ на Британскиот совет, a кој се реализира на ниво на цела држава.

„Се работи за еден проект кој опфаќа обука за критичко размислување кај учениците. Ние минатата година учениците ги тестиравме за еден проект и тука нашите ученици не беа многу подготвени од тој аспект. Затоа со овој проект се смета дека учениците ќе може многу повеќе да одат напред“, рече Лаура Шате- директор на Оу Браќа Миладиновци.

Беше презентирана и британска владина програма за едноггодишни постдипломски или магистарски студии на било кој универзитет на Островот.