Догодина 5.500 пензионери на бесплатна бања, а 3.000 на викенд

Следната година дополнителни 5.500 пензионери ќе заминат на бесплатна бања, а 3.000 на бесплатен викенд со проектите на Владата која ги покрива трошоците за таа намена. Ова денеска го најави премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на нов објект на ОУ „Живко Брајковски“ во општина Бутел.

Премиерот информира дека со владиниот проект за бесплатна бања, кој почна да се реализира во 2010 година, досега ваква услуга добиле 32.000 пензионери.

Колку што можам да видам од средбите со нив, но и од прашалниците што ги пополнуваат тие се презадоволни. Оваа година дополнителни 2.400 лица ќе заминат бесплатно во бања, а проектот ќе продолжи веќе следната година со нови 5.500 затоа ќе го продолжиме овој проект кој беше дел од нашата Изборна програма и успешно се реализира, изјави Груевски, пренесе МИА.

Покрај на бесплатна бања, пензионерите може да одат и на бесплатен туристички викенд
Покрај на бесплатна бања, пензионерите може да одат и на бесплатен туристички викенд

Покрај на бесплатна бања, пензионерите може да одат и на бесплатен туристички викенд. Досега, како што информира Груевски, со владините проекти над 2.100 пензионери биле на бесплатен викенд.

Задоволството е големо и таму, пораките од пензионерите што ги поминаа викендите таму се одлични, така што во текот на оваа година планираме дополнителни 900, а од следната година нови 3.000. Проектот се одвива одлично, изјави Груевски.

Премиерот потенцира оти двата проекта за пензионерите се новина во последните години.

Едниот е од 2010, а другиот е од минатата година, и беше наше изборно ветување на претходните избори. Работите одат добро во овие проекти и тие ќе продолжат и во наредната година, рече Груевски.

Спасов: Пензионерите и натаму ќе одат на бесплатна бања и туристички викенд

Инаку за двата проекти за пензионерите во текот на минатата недела информираше и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој нагласи дека неделава започнува втората фаза од реализацијата на двата проекти: за бесплатна бањско климатска рекреација и за бесплатен туристички викенд за пензионерите во Република Македонија.

Спасов: Пензионерите и натаму ќе одат на бесплатна бања и туристички викенд
Спасов: Пензионерите и натаму ќе одат на бесплатна бања и туристички викенд

Годинава, како што информира Спасов, околу 1.250 пензионери ќе го искористат проектот бесплатна бањско климатска рекреација и околу 950 ќе ги искористат поволностите од проектот за бесплатен туристички викенд.

Вкупно 2.200 пензионери во периодот од септември октомври ќе ги искористат целосно бесплатните услуги од овие проекти кои наидоа на огломен интерес и задоволство кај оваа категорија граѓани кои им помагаат да се социјализираат, да се рекреираат, да стекнат нови пријателства, им помагаат да имаат поквалитетен живот, истакна министерот Спасов.

Додаде дека покрај тоа, со проектите им помага и на туристичките капацитети во Република Македонија, но и на развојот на бањскиот туризам во Македонија.

Спасов информира дека за реализација на овие два проекти за годинава се обезбедени околу 48 милиони денари.