Паралелно со капиталните инвестиции во железницата и набавката на патничките и товарните возови, Владата активно работи и третиот сегмент во железничкиот сообраќај, реконструкција на железнички станици.
Во моментов активно се работи на реконструкција и на модернизација на железничката станица во Скопје а отпочна и проектот за темелна реконструкција и на 10 железнички станици од Коридорот 10 и кракот 10Д. За реконструкцијата на вкупно 11 железнички станици се финансираат вкупно 5 милиони евра, од кои 2,5 милиони евра за железничката станица во Скопје и 2,5 милиони евра за 10-те железнички станици од коридорот 10 и кракот 10Д, пишува порталот „Курир“.
Според владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, во моментов во завршна фаза се градежните работи на железничката станица во Скопје која се очекува комплетно да биде завршена во текот на месец октомври оваа година, а во однос на проектот за реконструкција и модернизација на 10-те железнички станици по коридорот 10 во моментов покрај веќе воведените во градба станици во Прилеп и Велес отпочнати се градежните работи и на станиците во Градско и Демир Капија.
Посветени сме на овие проекти. Покрај претходно воведените во реконструкција железнички станици во Прилеп и во Велес, во минатите неколку денови се воведоа во реконструкции железничките станици во Градско и Демир Капија, а до крајот на годината, по добивање на одобрение за градба од страна на општините ќе бидат воведени во реконструкции и железничките станици Табановце, Богомила, Чашка, Неготино, Гевгелија и Битола. Паралелно со нив, во финална фаза на завршување на реконструкцијата е и железничката станица во Скопје, каде што се чини веројатно дека некаде во месец ноември ќе бидат комплетирани сите градежни активности. На овој начин се обидуваме да ги подобриме условите и за граѓаните и за стопанството, а паралелно продолжуваме со реализација на поголем број на други проекти во областа на железничкиот сообраќај, вели Ѓорѓиев.
Планот е сите 10 железнички станици во Прилеп, Велес, Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино – Вардар, да бидат комплетно реконструирани во 2016 година.
Со овие градежни работи на железничката станица во Скопје и станиците долж коридорот 10 и кракот 10Д значително се подобруваат условите за патување со железничкиот сообраќај и дополнително се подобруваат условите за патниците и вработените на овие станици преку: целосно реновирање на билетарите, чекалните, санитарните јазли, кровната конструкција и фасадите, замена на водоводната и електричната инсталација со комплетно внатрешно и надворешно осветлување, инсталирање на системи за греење и ладење и современи системи за сигнализација и информирање на патниците, а посебно внимание при реализирањето на овој проект ќе се обрати и на подобрувањето на пристапноста за лицата со намалена подвижност.
Со овие инвестиции комплетно ќе се модернизираат железнички станици кои и воопшто досега не се обновувани откако се изградени, пред 70 години. Покрај тоа, инвестициите во железницата се чувствуваат и преку реконструкција и градба на железнички пруги и набавка на нови возови и вагони. Овој вид на инвестиции се само дел од инвестицискиот циклус кој се реализира во областа на инфраструктурата во последниве години, а со кој се решаваат исклучително значајни прашања кои се од важност и за граѓаните и за стопанството.