Веруваме дека има време до 5 јуни да се овозможат услови за организирање слободни и фер избори. Сметаме дека има доволно време ако сите чинители ја вршат својата работа и одат кон таа цел. Забележавме дека се прават напори за да се имплементира договорот од Пржино, изјави денеска заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Брајан Хојт Ји.
По средбата со премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев, американскиот заменик-државен секретар порача дека многу поважно е да се работи на областите поврзани со Избирачкиот список, медиумските реформи, создавањето соодветно опкружување, отколку да се троши време на шпекулации за алтернативни решенија.
Ји нагласи дека САД ќе продолжат да ги изнесуваат своите совети што треба уште да се направи и оти ќе помогнат во процесот.
САД, ЕУ и другите партнери продолжуваат да ја даваат нивната поддршка на Владата, институциите и политичките партии за да се овозможи изборите на 5 јуни да бидат фер, слободни и веродостојни. Даваме поддршка на ДИК и сме во постојана комуникација со институциите и Владата за тоа кои се нашите ставови околу напредокот. Ќе продолжиме да го правиме тоа, истакна Ји, додавајќи дека внимателно следат некои конкретни прашања како што се прочистувањето на Избирачкиот список и реформите во медиумите.
Тој нагласи дека работата на Специјалното јавно обвинителство е особено важна и оти е битно работата на специјалната јавна обвинителка да не биде исполитизирана.
Сметаме дека е од особена важност Владата, институциите и политичките партии да соработуваат со СЈО, со цел нејзината работа да биде што понезависна, потенцира Ји.
Тој додаде дека на сите средби што ги имал со официјалните претставници во Македонија ја нагласил важноста од поддршката на Специјалното јавно обвинителство, владеењето на правото и да се осигура дека сите функционери одговорни за кризата ќе одговараат за нивните постапки.
Мислам дека нашата порака е разбрана и слушната од сите. Очекуваме да го поддржат СЈО, а ние ќе ја следиме состојбата и ако видиме опструкции и прекршувања ќе дадеме сугестии како да се решат и надминат, рече Ји.
Според него, партиите ја разбрале важноста од имплементацијата на договорот од Пржино. – Не станува збор само за заложбата кон ЕУ и меѓународната заедница, туку и за иднината на македонскиот народ и државата.
Само со имплементација на Договорот, Македонија ќе може да мине кон следното поглавје на евроатлантските интеграции и понатаму ќе ја ужива силната поддршка потребна за напредок кон ЕУ и НАТО и кон подобра економија, привлекување странски инвестиции, отворање работни места…, посочи Ји.
Во врска со случувањата со поставувањето верски симболи во Чаир и Бутел, Ји порача дека сите чинители на општеството треба да работат на меѓусебно разбирање, почит и толеранција.
Тоа треба да е целта не само на политичките лидери, туку и на верските лидери и на граѓанското општество. Земјата треба во целина да се движи кој една заедничка цел на подобра и посветла иднина, интегрирана во Европа, подобра средина за економски развој и можности за младите. Ваквите инциденти се случуваат во многу земји, вклучително и во мојата, но важно е како политичките и верските лидери ќе реагираат на нив, рече Ји.
Американскиот заменик помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија денеска треба да се сретне и со министерот за правда Аднан Јашари и со претставници на СДСМ, а вчера оствари средби со претседателот Ѓорге Иванов, министерот за надворешни работи Никола Попоски и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА, Никола Груевски, Али Ахмети и Мендух Тачи.