Новинарката на Нова.рс, Ана Лалиќ, која синоќа беше приведена откако објави текст со критика за лошата состојбата во Клиничкиот центар Војводина (КЦВ) во Нови Сад, денеска е ослободена по сослушувањето.
– Ана е сослушана и пуштена на слобода околу 09:30 часот. Предметите кои и се одземени засега не се вратени, потврди нејзиниот адвокат Срѓан Ковачевиќ.
Лалиќ беше синоќа приведена откако објави текст на порталот Нова.рс, во кој наведе дека здравствените работници во КЦВ немаат соодветна заштита од коронавирусот. Клиничкиот центар поднесе пријава против неа поради „ширење паника”. Новинарката во својот одговор до КЦВ истакна дека не може да биде обвинета за ширење паника бидејќи „го претставила она што граѓаните веќе го знаат”.
На Лалиќ синоќа и беше одредена мерка притвор од 48 часа.
По реакциите на ОБСЕ, на граѓанските организации, опозицијата и новинарските здруженија за синоќешното апсење на новинарката, српската премиерка Ана Брнабиќ денеска најави дека Владата ќе ја повлече одредбата за инфомирање за време на пандемијата со коронавирусот.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Брнабиќ за РТС изјави дека одлуката за централизирано информирање ќе се повлече на барање на претседателот Александар Вучиќ.
– Тоа е моја глупост и моја одговорност. Моја глупост е што не ја објаснив одредбата кога ја донесовме, истакна Брнабиќ.
Таа оцени дека повлекувањето ќе резултира со поголема борба против лажните вести и дека на Владата и требаат дополнителни напори во таа борба.
– Владата ќе даде се од себе за да ги отстрани сите лажни вести, додаде таа.
Српската премиерка изјави дека жали за приведувањето на новинарката на Нова.рс.