Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска беше во посета на Виница од каде што истакна дека Заев и коалицијата СДСМ-Беса не нудат ништо освен порази, криминал и корупција и единствено на што се подготвени е да тргуваат со националното достоинство и со честа со угледот на луѓето.
– Ја промовираат нивната парола можеле. Можат да повеќе и подобро да лажат, повеќе и подобро да крадат, можат повеќе и подобро да ја веднат кичмата, да не засрамуваат и пљачкосуваат, повеќе Луј Витон куферчиња да складираат таму во еден ресторан во југоситочна Македонија. Но, ние тоа нема да им го дозволиме. Победува обновата, изјави Мицкоски
Тој додаде дека СДСМ можеа да донесат 500 евра плата како што ветуваат, да ги донесат инвестициите кои ги ветуваа на Гугл, Фејсбук и Фолксваген или пак да ги вратат младите како ветуваа, но донесоа само хибриден режим и нови млади кои ги напуштаат своите домови негледајќи перспектива во Македонија.
– Можеа да донесат и правда, може да донесат и мир, но ни донесоа куферче Луј Витон и „трас трас“ судска пресуда, а од мир донесоа само немир за душите на семејствата на оние кои им ветуваа мир и правда, на тажните родители кои ги загубија своите чеда на Смилковско, на оние мали дечиња кои ги загубија своите татковци во Диво насеље борејќи се достоинствено за нашата држава. Можеа да донесат мир ама донесоа немир и кај семејствата на Нешковски, Мартин Јанушев и кај Кољо. Наместо да донесат правда и мир во монтирани судски случаи осудија патриоти на 15, 16, 17 години, потенцираше Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека СДСМ наместо да го слуша народт и да го праша што го тишти, што го мачи, се шетаа развозуваа со мотори низ Македонија, и уживаа на плажите кај нашиот јужен сосед и во хедонизмот со скапите пловила по егејското море,
– Можеа да ја слушнат маката на мајката од Виница која своето чедо го испратило во недојдија и чека да и се јави и да дојде еднаш годишно и да и каже добар сум, се снајдов, ама ништо не направија. Можеа да направат бесплатно здравство, а не денеска по ходниците луѓето да ги губат своите животи. Можеа многу да направат имаа три години доволно време ама ништо не направија, нагласи Мицкоски
Тој додаде дека токму затоа по 15 јули ВМРО-ДПМНЕ ќе покаже како може за само шест месеци за секој за кој што постои основано сомнение за криминал, дали бил дел од СДСМ, дали бил дел од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса политички определен или неопределен да ја дочека правдата пред сопствената врата.
– Јас ви ветувам правда без исклучок почитување на законите заврши времето на политичките деспоти. Нема да биде политичар привилегирана каста. Помина времето на политички мочуришта и неуспеси. Доаѓа времето кога Македонија се исправа. Доста беше чувството на граѓани од втор ред. Ќе има минимум 25 % поголема плата во еден четиригодишен мандат ќе има минимум 20 % повисоки пензии за пензионерите, минимум 1000 километри локални и регионални реконструирани патни правци, изјави Мицкоски.