Една година откако францускиот претседател Еманиел Макрон рече дека НАТО е во состојба на клиничка смрт, група експерти изработила план за реформи кои би требало да го „освежат“ воениот сојуз.
Извештајот, кој во средата им бил предаден на претставниците на триесетте земји членки, предлага конкретни мерки, како што се подобра координација во форма на почести состаноци на министрите за надворешни раноти и средби во други формати, на пример конференции на министрите за внатрешни работи по прашањата поврзани со тероризмот.
Експертите, исто така, советуваат дека треба да се забрза политичката реакција на НАТО на безбедносните закани и меѓународните кризи. Сега потребни се неколку дена, за дражавите кои инаку би требало да се бранат меѓусебно, да издадат заедничко соопштение.
Извештајот, како што пренесува германската новинска агенција DPA, содржи 140 конкретни препораки и почнувајќи од вторникот за него во следниот период ќе расправаат шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО.
Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, потоа би требало да предложи конкретен акциски план, а целта е тоа да се случи до следниот самит во второто тримесечје во 2021 година.
Макрон кон крајот на 2019 година оцени дека трансатлантскиот воен сојуз е во состојба на „мозочна смрт“, ислустрирајќи го во тој момент непостоењето координација во однос на состојбата во Сирија.
Експертите кои го изработиле сегашниот план се ангажирани по предлог на Германија, откако изјавата на францускиот претседател предизвика жолчна дискусија меѓу сојузниците.