Не работи компјутерскиот томограф во охридската болница, пациентите се препраќаат во Струга. Поради преоптовареност од енормно зголемениот број снимања прегорен е резервниот дел. Директорот на болницата вели дека за десет месеци направени се 17.000 снимања, колку за период од две години, а според него покрај од Охрид извесен период тука доаѓале и пациенти од целиот регион.
Станува збор за релативно скап дел, чија вредност е некаде над 100 илјади евра. Било известено Министерство за здравство од каде било ветено дека проблемот ќе биде решен.
Инаку ова не е првпат да не работи комјутерскиот томограф, откако пред две години не функционираше неколку месеци поради дефект на ренген-цевката. И додека се реши проблемот, од општата болница најавија дека пациентите од Охрид, кои имаат потреба од компјутерска рендген дијагностика, се упатуваат во болницата во Струга.