Конечно добивме одговор дека некој некаде згрешил во процедурата за избор и испраќање на нашиот највисок воен претставник во НАТО, рагираше во средата Драги Ковачки по неколкуте забелешки откако претходно месецов Алијанската поради проблематичност на нивните безбедносни сертификати ги одби предлозите за македонските преставници во седиштето во Брисел.
„Во духот на ‘транспарентоста и отчетноста’ пред јавноста, на (министерската за одбрана Радмила) Шекеринска ѝ требаа цели 11 дена и постојан притисок за да се одважи и да меѓу редови каже дека сепак згрешила. По 11 дена молк и игнорирање од страна на министерот за одбрана, денеска слушнавме дека овојпат нема да брзала со избор на ново лице – кандидат, туку ќе почекала додека не завршат сите процедури за сите кандидати што барале НАТО безбедносни сертификати, па од нив ќе бирала кој ќе замине во НАТО“, реагира на својот официјален фејсбук профил, полковникот Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, со самото тоа „се потврдува“ тоа што претходно Ковачки го истакнувапе, дека „првичното номинирање и избор на кандидатот било грешка“ и дека тоа се должи на „непрофесионалност и на политизација на процесот“, односно на субјективизам при одлучувањето.
„Е сега, останува да се понесе одговорност за јавната бламажа на Македонија на меѓународна сцена и да се утврди зошто, кој и каде погрешил. Секако, Министерот за одбрана е таа која мора да понесе политичка одговорност и да поднесе оставка како што тоа би било случај во било која држава од цивилизираниот, односно демократскиот свет“, заклучува Ковачки.