Александар Николоски вечерва во Алфа телевизија, а во врска со најавените реформи за образование на министерката за образование Мила Царовска вели дека еден од нејзините предлози се во училиштата воопшто да нема учебници, па праша како децата ќе учат ако учебниците ги нема.
„Мила Царовска води политика „јас тебе војводо, ти мене сердаре“ , па ги собира пајташите од СДСМ околу себе кои сигурно и велат „колку добро работи“ и како успеала да ја направи оваа „добра реформа“, и „нема никој брилијантен ум како вашиот“, а реалноста е поинаква, еден од предлозите на Мила Царовска е да нема учебници во училиштата и секој наставник сам да си прави програма и да предава, сите родители треба да се загрижат за тоа како ќе учат нивните деца ако нема учебници?“, праша Николоски.Рече дека предлогот бил воопшто да нема учебници ни во хартиена ни во електронска форма, односно да не постои учебник како форма, како и дека клучната идеја и поента на реформата е дека предлогот е да нема никакви учебници за секој посебно наставник во секое училиште да процени што ќе ги учи децата.
„Ако се најдат неколку деца од различни училишта, од исто одделение нема исто да знаат иста работа, односно нема да знаат ништо затоа што нема да има учебници“– истакна Николоски.
Според него, тоа било „брилијантната идеја“ за реформа на Царовска, и притоа порача власта да се откаже од истото, затоа што не постои власт која успеала да се избори со ученици, студенти, наставници и професори, таква власт не постои.
„Ако ова сака да го тера Царовска ќе и се случи револуција“, заклучи Николоски.