Некои сателитски снимки покажуваат дека Северна Кореја можеби се обидува да произведе повеќе плутониум за нуклеарно оружје во нејзината главна нуклеарна централа. ваквото предупредување доаѓа откако лидерот на Сверна Кореја, Ким Јонг Ун, во јануари најави дека ќе ги засили активностите.
Aмериканскиот сајт „38 Норт“, кој ги следи случувањата во Северна Кореја, објави дека снимките од нуклеарниот комплекс во Јонгбијон укажуваат на тоа дека електраната на јаглен во овој објект работи по приближно двегодишна пауза.
Според сајтот, тоа може да сугерира дека во тек се подготовки за обработка на плутониум потребен за нуклеарното оружје на Северна Кореја, но дека тоа исто така може да значи оти централата само се подготвува за ракување со радиоактивен отпад.
Претходно оваа недела, генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, потврди дека некои нуклеарни централи во Северна Кореја продолжуваат да работат, што е очигледна повреда на важечките резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Плутониумот е една од двете клучни состојки за создавање на нуклеарно оружје, заедно со високо збогатен ураниум.
Комплексот Јонгбијон, што се наоѓа северно од главниот град Пјонгјанг, има погони за производство на двете компоненти, но не е познато колку досега е произведено во овој комплекс и каде се складира.
Ким во јануари вети зголемување на нуклеарниот арсенал и откри високотехнолошки системи за оружје насочени против САД, со порака дека судбината на билатералните односи меѓу двете земји зависи од тоа дали Вашингтон ќе ја повлече својата непријателска политика кон Северна Кореја.