Турција не се откажува од строгите мерки и за Рамазан

Турција ќе продолжи со делумните ограничувања за да го спречи натамошното ширење на коронавирусот, поради зголемениот број случаи на инфекции и смртност, најави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

– Продолжува полицискиот час од 21 до 5 часот наутро, рече Ердоган по состанокот на владата во претседателскиот комплекс, што траеше повеќе од три часа – пренесе агенцијата Анадолија.

Како дел од мерките, Ердоган кажа дека, исто така, ќе биде ограничено работењето на рестораните и кафулињата што ќе можат да работат со максимум 50 проценти од капацитетот.

– Градовите што се соочуваат со многу висок ризик од коронавирус ќе имаат полициски час за време на викендот – додаде турскиот претседател.

Тој посочи дека од вкупно 81 турски провинции, во 58 или 80 проценти од населението, е класифицирано како многу ризично на коронавирусот.

Категоризацијата на покраините со низок, среден, висок или многу висок ризик се базира на стапката на инфекција и вакцинацијата против коронавирус, што во земјата почна на 14 јануари.

– За време на месецот Рамазан, собирањата за сахур и ифтар, што се одржуваат пред и по постот, се забранети во земјата – кажа турскиот претседател.

Покрај тоа, рече Ердоган, во текот на светиот месец низ цела Турција ќе се воведат заклучувања за време на викендите.