Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека патот на Македонија кон Европската Унија поминува низ Бугарија без чие одобрување на можат да почнат пристапните преговори, но и оти Софија не треба да ја пропушти оваа шанса ако сака стабилен Балкан.
– Вистина е дека патот на Македонија поминува низ Софија. Одлуката се носи со консензус. Без одобрување на Бугарија не може да има одлука. Ние можеме само да сонуваме дека оваа одлука ќе биде донесена без одобрувањето на Бугарија. Тоа не може да се случи и затоа се залагаме да ги убедиме пријателите од бугарската страна дека Договорот кој го изградивме има добра основа за градење на нашите односи и за надминување на разликите. Тие имаат потреба од дополнителна гаранција дека ние нема да бегаме од договорот, рече Османи во синоќешното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 .
Шефот на дипломатијата смета дека Бугарија, сепак, не треба да ја пропушти шансата на јунскиот самит на ЕУ да и се одобри на Македонија да ги почне преговорите за членство, доколку сака стабилен Балкан.
– Имам чувство дека регионот доаѓа до критичка точка, кога се губи довербата дека ќе се зачлени во Европската Унија. Во моментот кога ќе се постигне оваа точка, верувајте дека ќе биде проблем, ќе се отвораат многу теми кои се затворени за европската перспектива, уште од 2003 кога во Солун се носи одлука дека еден ден Балканот ќе се зачлени во ЕУ, тоа стана силно движење за регионот. Затоа Бугарија мора да ја „грабне“ оваа шанса ако сака стабилен Балкан, посочи Османи