![danska](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/06/danska-vels.jpg?resize=696%2C443&ssl=1)
Данската фудбалска селекција во саботата стана првиот четвртфиналист на годинешното Европско првенство, откако во осминафиналното соочување со Велс во Амстердам беше убедлива и славеше со 4:0 (1:0).
Стрелец на првите два погодока на натпреварот беше Каспер Долберг, во 27 и 48 минута, а потоа Јоаким Меле во 88 и Мартин Брајтвајт во шестата минута од судиското продолжение ги докрајчија бледите Велшани.
Творецот на данската победа во трите натпревара во групната фаза одигра вкупно само половина час. Но денеска селекторот Каспер Хјумланд наместо повредениот Јусуф Поулсен во игра од првата минута се реши да го стави Долберг кој му се оддолжи со двата погодока.
Во 27 минута Долберг одлично и прецизно биеше од 18 метри, по одличната акција во која Меле го проигра Дамсгаард, а овој ја проследи топката до стрелецот со приземен удар во ткн „мала мрежа“ од противничкиот гол.
На самиот почеток од второто полувеме Долберг ја реализираше катастрофалната грешка на велшкиот стопер Вилијамс кој на паузата влезе во игра и кој практично му ја сервираше топката на данскиот играч за отворен удар од осум метри, а искусниот напаѓач без проблеми го совлада Вард. На голот му претходеше продор на Брајтвајт по десната страна и приземен центаршут во шеснаесетникот на Велс, но право на ногата на Вилијамс кој потоа несмасно му асистираше на стрелецот.
Велс со прикажаната игра беше далеку под нивото на селекција која заслужува настап на континантално натпреварување и во ниеден момент не го загрози данскиот гол. Од друга страна, Данците по премиерната траума со несреќата на Ерискен и поразот од Финска, и во Амстердам се покажаа како добро воигран и сигурен тим кој противникот го држи далеку на неговата половина.
Во таквата игра во 88 минута Јенсен одлично го проигра Меле на десното крило каде што го заборавија Велшаните, а кога сите го очекуваа последниот свиреж на арбитарот, упорниот Брајтвајт ги постави конечните 4:0.
Данска во четврфиналето на 3-ти јули во азербејџанската престолнина Баку ќе игра против победникот од дуелот меѓу Холандија и Чешка кој се игра в недела во Будимпешта.