![brnz izjava](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/04/brnz-izjava.jpg?resize=696%2C527&ssl=1)
Американската амбасадорка, Кејт Мари Брнз, во четвртокот попладнето се сретна со челникот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за да го брифира за извршната наредба на претседателот Џо Бајден за западен Балкан.
Амбасадорката на Twitter објави дека го информирала Мицкоски за извршната наредба.
„Извршната наредба е одраз на посветеноста на администрацијата на Бајден за борба против корупцијата и зајакнување на демократските институции, кои се важни приоритети и треба да бидат прифатени од сите партии во Северна Македонија, за да може земјата да влезе во ЕУ и да се подобрат животите на нејзините граѓани“, нагласи Брнз.
Извршната наредба која ја потпиша Бајден го прошири опсегот на вонредни мерки во врска со Западен Балкан, па се опфаќа и замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор и нивното спроведување и ги поткопуваат мирот и регионалната соработка.
Од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека на средбата со американската амбасадорка присуствувале лидерот Мицкоски и секретарот за меѓународна политика на партијата, Тимчо Муцунски, а се зборувало за високиот степен на корупција и криминал присутни во структурите на власта, законот за марихуана и резолуцијата за спорот со Бугарија.
Met with VMRO-DPMNE President @MickoskiHM today to brief him on the new Executive Order for the Western Balkans.
— Ambassador Kate Byrnes (@USAmbNMacedonia) July 22, 2021