Разузнавањето му доставило на Бајден извештај за потеклото на коронавирусот

Американската разузнавачка заедница му го претставила на претседателот Џо Бајден својот извештај за потеклото на коронавирусот во вторникот, но во него нема јасни заклучоци и конензус дали вирусот е развиен во лабораторија или има природно потекло, пишува весникот The Washington Post повикувајќи се на двајца неименувани американски функционери.

Според соговорниците на весникот, во текот на следните неколку дена, разузнавачките служби мора да подготват и декласифицирана верзија на документот за негово објавување во јавноста. Во секој случај, според изворите, извештајот и покрај огромниот број проучени информациi, не дава конечен и недвосмислен заклучок за потеклото на коронавирусот.

Како што се истакнува во написот, еден од функционерите нагласил дека американската разузнавачка заедница „не е најдобро опремена за решавање на ова прашање“, бидејќи утврдувањето на потеклото на коронавирусот првенствено е во компeтенциите на научниците, а не на разузнувачите.

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, во понеделникот рече дека декласифицираната верзија на извештајот за потеклото на коронавирусот треба да ѝ биде претставена на јавноста неколку дена откако документот ќе му биде доставен на претседателот Бајден. Тогаш таа истакна дека сѐ уште не може да се прецизира во каква форма ќе биде претставена верзијата.

Во мај годинава Белата куќа објави соопштение според коешто верзијата за ширење на вирусот SARS-CoV-2 како резултат на инцидент и „бегање“ од лабораторија во научниот институт во кинески Вухан сѐ уште не е исклучена. Во соопштението беше цитирана изјавата на Бајден дека разузнавачката заедница „се обедини околу две веројатни сценарија“.

Американскиот претседател потоа побара „да се удвојат напорите за собирање и анализа на информациите што ќе помогнат во доближувањето до конечниот заклучок“ и да биде информиран за резултатите во рок од 90 дена.

Кинеското министерство за надворешни работи и во вторникот ги повика САД да престанат со политизацијата на потеклото на новиот коронавирус, потсетувајќи дека Соединетите држави се водечки по бројот на заразите и смртните исходи од Covid-19.

Пекинг во средата повторно ја отфрли можноста за нова истрага на Светската здравствена организација (СЗО – WHO) на својата територија во врска со хипотезата дека вирусот „побегнал“ од лабораторија во Вухан.

„Кина не мора да ја докажува својата невиност. Доколку САД мислат дека Кина е виновна, тогаш мора да ги предочат доказите“, порача во средата главниот директор на одделот за контрола на вооруќувањето на кинеското минситерство за одбрана, Фу Цонг.