Опозициска соработка против корупцијата: Мицкоски, Села и Гаши се договорија

Падна договор за соработка помеѓу опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, откако денеска лидерите Христијан Мицкоски, Зијадин Села и Африм Гаши се договорија да се поддржуваат меѓусебно во неколку општини во пресрет на локалните избори во октомври.

Како што е наведено во заедничкото партиско соопштение, тројцата лидери се договориле да не кандидираат градоначалници во одредени општини, а во други општини да се натпреваруваат со сите други партии.

„Потребно да се соработува со цел општините да бидат институции во служба на граѓаните, со силен и рамномерен локален економски развој, со буџетска поддршка за децентрализација во областите образование, култура и спорт, како и со тежнеење да бидат зелени општини кои ќе обезбедат чист воздух и заштита на животната средина. Со цел што подобро да се артикулира опозицискиот глас, како и да се претстават најдобро интересите на сите граѓани на локално ниво, тројцата претседатели, истакнувајќи ги овие начела, се одлучија за взаемна соработка и поддршка на кандидати за градоначалници. Соработката подразбира дека споменатите партии нема да кандидираат градоначалници во одредени општини и ќе се поддржуваат меѓусебно, а во други општини ќе се натпреваруваат со сите други партии. За начинот и деталите на соработката ќе се договараат општинските организации на трите партии“, се вели во заедничкото соопштение.

Тројцата претседатели, посочено е во текстот, констатирале дека водејќи се од извештајот на Транспаренси Интернешенл, според кој Македонија е рангирана на историско најлошото 111 место, станува неминовна опозициската соработка, со цел единиците на локалната самоуправа да бидат ослободени од корупциското владеење, од нетранспарентното трошење на пари и од злоупотреба на власта на СДСМ и ДУИ на сите нивоа на државната управа.