Мунир Колашинац ја објави кандидатурата за градоначалник на Скопје

Мунир Колашинац, претседателот на БДС е и официјално кандидат за градоначалник на Град Скопје. По само неколку дена од најавата за самостоен настап на локалните избори 2021 година, денеска на официјална прес конференција беше најавена кандидатурата на господин Мунир Колашинац градоначалник на Град Скопје. Покрај Мунир Колашинац во Град Скопје, Бошњачкиот демократски сојуз, на овие избори ќе настапи со свои градоначалници во Општина Чаир, каде кандидат е Бедро Хот, во Општина Долнени, каде кандидат ќе биде Адмир Ујкановиќ и во Општина Велес, каде кандидат ќе биде господин Семир Алимов, информираа денеска од Бошњачкиот демократски сојуз.

Според претседателот на партијата Бошњачки демократски сојуз, и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Мунир Колашинац, овие избори ќе бидат вистинска промена на енергијата на Град Скопје.

-Среќен сум што сум денеска овде пред сите вас, и што имам можност да се претставам на граѓаните. Ние сме млада партија, која има голем ентузијазам да делува и да придонесе добро за сите нас во Град Скопје. Доаѓам од бошњачката заедница, но едно знам дека ќе бидам градоначалник на сите. Нашата цел е да прикажеме планови, цели и реализација на истите, да не бидеме во редот на оние кои ветуваат, а не остваруваат. На овие избори ќе настапиме поинаку, ќе настапиме визионерски, и од таму е и нашиот слоган ПОИНАКВО СКОПЈЕ ЗА СИТЕ НАС, изјави Мунир Колашинац, кандидат за Градоначалник на Град Скопје.