Откако беше објавено видео во кое се навредуваше една етничка заедница, кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски во Изборната дебата на ТВ 21 посочи дека истото е монтирано.
– Меѓуетничка омраза не е, во случајов, видеото туку монтажата на видеото. Од нигде никаде се монтира видео за да ги покрие тие емоции кои што се кревки во нашето општество. Тоа видео е на настан од 2016 година, зошто не се објавило тогаш или во 2017 или 2018 година?“, запраша Костовски.
Тој додава дека видеото е обична манипулација бидејќи неговиот политички противник ја губи поддршката токму од Албанците и морал да монтира.
На прашањето на модераторот за тоа дали некогаш говорел или пеел песни во кои се навредува некоја етничка заедница, Костовски посочи дека тоа не се случило до сега и дека тој е од Бутел и се дружи со Македонци, со Албанци и со сите.
– Јас сум од Бутел, јас сум пораснал со Македонци, со Албанци, Турци, Роми, Бошњаци.. Сум играл фудбал, сум се дружел со сите нив, имам еден куп пријатели, додаде Костовски.