
Луѓето знаат да препознаат, повеќе не се плашат и ги повикуваме да изберат по сопствена волја. Ќе работам и ќе реализирам се, значи се е реално и е во согласност со Буџетот на општината, рече кандидатот за градоначалник на Битола, Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ на гостувањето на ТВ 24 во емисијата Студио 10.
Според него, сѐ што им беше ветено на граѓаните од СДСМ во претходниот мандат не се реализираше.
„Во изминатите чќтири години не го остваривте тоа што го очекуваа граѓаните и сега доаѓате со истата програма со нова корица. Ама граѓаните веќе знаат да препознаат“, рече Коњановски.
Градоначалничкиот кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ потсети дека СДСМ како власт и на локално и на централно ниво имале можност да делуваат во изминатите четири години.
„Вие настапувате од позиција на ароганцијата на СДСМ, народот тоа не го сака“, му рече Коњановски на противкандидатот од СДСМ, Христо Кондовски.
Коњановски, кој е епидемиолог, рече дека во целата коронавирусна епидемија имаше само политиканство од власта.
„Сега ситуацијата се смирува затоа што граѓаните ги слушаат нашите препораки, препораките на лекарите. И морам да кажам дека вакцинацијата е единствена алатка за справување со пандемијата“, рече Коњановски.