Димитриевски: Ги повикувам членовите од мојата СДСМ да ме поддржат во недела, со нашиот концепт добиваат граѓаните

Коалицијата којашто ние ја предводиме во моментов, која што е граѓанска иницијатива, а зајакната со уште два политички субјекти, едниот е Алијанса за Албанците, а другите се Алтернатива со коишто веќе потпишавме и соработка се дополнителна сила и ветар во грб на мене како кандидат и на нашата граѓанска иницијатива. Ние ги очекуваме сите гласови, и од Македонци и од Албанци. Имавме гласови кои се идеолошки и лево и десно. Но, она што е најважно, гласовите на неопределените граѓани се токму кај нас, бидејќи тие континуирано се запоставени“, рече независниот кандидат за градоначалник Максим Димитриевски во вечерашното
гостување во дебатната емисија на телевизија Клан во пресрет на локалните избори.

Димитриевски истакна дека концептот „За наше Куманово“ остава простор за неопределените граѓани, бидејќи денеска сме избрани од страна на граѓаните и им должиме исклучиво на граѓаните.

„Политичките коалиции се веќе друга работа, во прераспределба на местата кои ќе се освојат во власта, но со нашиот концепт добиваат граѓаните, бидејќи ќе може да добијат можност сите. Никогаш повеќе нема да се дозволи во општина Куманово да доаѓаат партиски секретарчиња, да носат списоци со имиња и да налагаат кој тоа ќе се вработи во одредено место без разлика дали тоа се работи за професионалец или не. Ќе добијат шанса најквалитетните луѓе во системот, да создадат, да творат за сопствената општина, народ и граѓани. Нема да правиме никакви разлики, бидејќи сите имаат еднакви права. Јас ги повикувам членовите на мојата политичка партија СДСМ јавно да излезат и да ме поддржат. Тоа го направија и во првиот круг и за давањето на потписи за независен кандидат и уверен сум дека ќе го направат и во вториот круг, затоа што бираат помеѓу зборот „ќе“ и „направивме“, порача Димитриевски.

Независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово во дебатната емисија на телевизија Клан потенцираше дека пред четири години сите основни и средни училишта во Куманово биле должни повеќе од два милиона евра, но денеска не должат ништо.

Истакна дека општина Куманово била една од трите најзадолжени општини во државата, покрај Охрид и Тетово.

Во мандатот на Димитриевски вратен е долг од 11 ипол милиони евра, со што во моментов Куманово е стабилна финансиска општина со финансиски средства кои ќе бидат искористени за реализација на проекти.

Димитриевски, посочи дека сите тендерски постапи во општината се транспарентни и Куманово е единствената општина која самата има побарано контрола на работата од државната ревизија.