Денешниот протест на лажните активисти од „Зелен хуман град“ и „Шанса за Центар“ не беше поддржан ниту од самите нивни членови. Благодарност до граѓаните кои не потпаѓаат на манипулациите и не ги поддржаа ваквите протести со кои се спречува конечно решавање на нашиот долгогодишен проблем во Ново маало, реагираа во понеделникот групата граѓани Жители на Ново маало
„Овие неколку луѓе кои денес протестираа имаат за цел да вршат притисок врз обвинителството и другите институции, а буквално немаат ништо со активизмот или заштитата на животната средина. Ако беа вистински активисти ќе ја поддржеа идејата да се изгради голем парк на местото на паркингот каде сега освен уништен бетон нема ништо друго. Ако беа вистински активисти, ќе нè поддржеа нас граѓаните да ги решиме нашите проблеми и во 21 век да живееме достоинствено – токму како што Јана Белчева ужива во удобноста на својот стан откако си го продала имотот на Водно каде сега никнува зграда“ се наведува во објавата на граѓанската иницијатива.
Истакнуваат дека во моментов, иако се во во самото средиште на централната скопска општина Центар немаат канализација и основни услови за живот.
„Да беа вистински активисти, ќе застанеа зад правдата, а не да вршат неоснован притисок заради своите политички интереси да се прикажуваат како некакви спасители. Апсолутно нема ништо издржано во нивните барања и бараме итно да престанат“, додаваат граѓаните на Ново маало кои очекуваат со планираниот деловно-станбен комплекс да бидат решени нивните децениски проблеми.
„Искрено веруваме дека пое денешниот протест каде не можеа да соберат ниту 10 луѓе, ќе се откажат од идејата натаму да нè блокираат и ќе остават да си ги решиме проблемите. Апелираме институциите да не подлегнуваат под притисокот бидејќи ние ќе одговориме уште пожестоко со протести доколку ни се скратат правата дадени со Устав“, се додава во објавата.