Политичката партија Обединета реформска акција (УРА), на црногорскиот вицепремиер Дритан Абазовиќ, денеска поднесе иницијатива за гласање недоверба на црногорската влада, што би можело да се најде на дневен ред на Парламентот на почетокот на февруари.
Иницијативата ја потпишаа 31 пратеник во црногорскиот парламент, а според Уставот на земјата, најмалку 27 пратеници можат да побараат преиспитување на довербата на владата во парламентот. За отповикување на актуелната влада на премиерот Здравко Кривокапиќ потребна е поддршка од 41 од вкупно 81 пратеник.
На почетокот на неделата Абазовиќ го најави тој потег, веднаш барајќи поддршка за формирање малцинска влада во која, како што тогаш рече, нема да има место ниту за Демократската партија на социјалистите на Ѓукановиќ, ниту за просрпската Демократски фронт, но рече дека би сакал и тие политички опции да поддржат малцинска влада.
Иницијативата за соборување на владата ја потпишаа претставници на владејачката УРА и опозициската Социјалдемократска партија (СДП), Социјалдемократите (СД), Бошњачката партија (БС), Албанската листа и Албанската коалиција, Либералната партија (ЛП) и дел од Демократската партија на социјалистите (ДПС) на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.
По предавањето на иницијативата, пратениците на УРА рекоа дека „не сакаат да симулираат процеси, да одолговлекуваат и да ја убиваат мнозинската волја на граѓаните кои сакаат стабилност, реформи и патот кон ЕУ”.
Во понеделникот, американскиот специјален пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар рече во интервју за Гласот на Америка дека САД не го сметаат Демократскиот фронт за „соодветен партнер” и дека ДФ ги охрабрува поделбите во Црна Гора, ги блокира реформите и патот кон Европа .
УРА, која има тројца пратеници во црногорскиот парламент, кон крајот на декември потпиша меморандум за соработка со опозициската Бошњачка партија и Социјалистичката народна партија, владејачката партија, што беше првиот чекор кон предлогот за формирање малцинска влада.