Украинскиот претседател Володимир Зеленски во обраќањето пред Украинците на својот фејсбук-профил изјави дека среда може да биде денот на руската инвазија, а тој ден ќе го прогласи како ден на украинско национално единство.
Зеленски, кој деновиве покажа тенденција да ги минимизира сугестиите дека нападот е неизбежен, не кажа кој го навел датумот 16 февруари. Сепак, неколку американски новински организации минатата недела објавија дека Вашингтон верува оти тоа е датумот кога руските сили ќе бидат подготвени, доколку Путин даде наредба за инвазија.
„Тие ни велат дека 16 февруари ќе биде денот на нападот. Ние ќе го направиме ден на единство“, рече тој во видео обраќањето до нацијата. „Тие се обидуваат да не исплашат со уште едно именување датум за почеток на воената акција“.
Русија денеска сугерираше дека е подготвена да продолжи да разговара со Западот за да се обиде да ја смири безбедносната криза, додека Соединетите Држави рекоа дека Москва секој ден ги зголемува своите воени капацитети за потенцијален напад врз Украина.
Зеленски ги повика украинските политичари и бизнисмени да се вратат во државата
Зеленски ги повика државните претставници, политичарите и бизнисмените кои неодамна ја напуштија државата да се вратат во Украина во рок од 24 часа и да покажат единство со нацијата поради стравувањата од руска инвазија.
„Ваша директна должност е во таква ситуација да бидете со нас, со украинскиот народ. Ви предлагам да се вратите во својата татковина во рок од 24 часа и да застанете рамо до рамо со украинската армија, нашата дипломатија и нашиот народ”, рече Зеленски во видео обраќање.